ДЗР наведува пропусти во Агенцијата за филм, од агенцијата посочуваат дека извештајот се однесува 2024 година

Агенцијата за филм и во 2024 година работела со сериозни слабости, меѓу кои преземање обврски над рамките на буџетот, недостиг на стручен кадар, невршење попис и недоставување редовни извештаи до Владата. Ова го покажува Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), објавен денес.

Во документот се наведува дека негативните констатации од претходните години повторно се потврдуваат, без видлив напредок. Според ДЗР, и во 2024 година продолжил „континуитетот на слабости“ утврдени уште во ревизијата за 2021 година.

Ревизорите укажуваат дека Агенцијата преземала петпати поголеми финансиски обврски отколку што имала дозволен буџет, што го нарушува Законот за финансиска дисциплина и може да предизвика судски спорови и каматни трошоци. Воедно, и покрај донесените решенија, не бил извршен попис на средства и обврски – ниту во 2024 година, ниту во претходните години.

Во извештајот се истакнува и дека институцијата нема Стратегија за развој на филмската дејност, нема уредна евиденција за продуценти, дистрибутери и филмови, а е забележано и незаконско поништување конкурс за филмски проекти. Недостасува систем на контрола на проектите, а дел од продуцентите не доставувале целосна документација за остварена добивка, поради што Агенцијата не ги наплатувала законските 50 проценти од своето финансирање.

Во делот на приходите, ревизијата утврдува дека сè уште се применува застарена методологија од 2015 година, а пресметката и наплатата на надоместоците се спроведуваат со големи задоцнувања. Недостасуваат механизми за усогласување меѓу внатрешните служби, што создава ризици од неточни финансиски податоци.

Агенцијата за филм, од своја страна, реагираше дека ревизијата била „по случаен избор“, а не целосна, и дека наодите не треба да се третираат како конечни. Оттаму сметаат дека дел од ревизорските формулации се несоодветни и не се во согласност со природата на спроведената проверка.

Во реакцијата се посочува и дека исплатите по проект не може да се реализираат без комплетна документација, дека вработувањата во јавниот сектор се регулирани со државни политики и дека не е точно дека Агенцијата самостојно може да решава за кадровски засилувања.

Од институцијата додаваат дека остануваат отворени за соработка и подобрување на системите, но истакнуваат дека одредени делови од ревизијата „очигледно не ја разбираат реалната улога и законските надлежности на Агенцијата“.

Зачлени се на нашиот е-билтен