РКЕ ќе воведе месечно читање на броилата поради сомнежи за јануарските сметки

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе воведе задолжително месечно читање на броилата за струја. Оваа мерка доаѓа по бројните поплаки од граѓаните за јануарските сметки, кои во некои случаи биле значително повисоки, соопшти претседателот на комисијата Марко Бислимоски во интервју на Радио Слободна Европа.

Дополнително, инспектори од РКЕ ќе посетуваат домаќинства што поднеле приговори за да проверат евентуални проблеми со броилата. Сепак, високите сметки ќе мора да се платат, а доколку се утврдат грешки, корекциите ќе бидат пресметани во наредните сметки.

Претседателот на РКЕ истакна дека анализите покажале три главни причини за зголемените сметки: проценета потрошувачка која не соодветствува со реалната, зголемена потрошувачка за време на празниците и влегување во повисоки тарифни блокови.

Со цел да се зголеми транспарентноста, РКЕ ќе направи случајна проверка на броилата во присуство на надлежни институции и потрошувачи. Дополнително, најавено е подобрување на платформата за самоотчитување, која треба да биде подостапна до септември.

Зачлени се на нашиот е-билтен