Сахарска прашина над Македонија, викендот носи и 36 степени

Сахарска прашина и песок ќе стигнат над Македонија од петок, 28 август, а нивното присуство во атмосферата ќе продолжи и во текот на викендот. Истовремено продолжува топлотниот бран, со температури кои во Скопје ќе достигнат околу 36 степени.

Прашината се пренесува со воздушните струења од Северна Африка преку Средоземното Море кон Балканот и може да создаде заматена, жолтеникава атмосфера и намалена видливост.

Не се очекува класична песочна бура или густ облак од песок. Станува збор за ситни честички кои се задржуваат во повисоките слоеви на атмосферата, но дел од нив можат да стигнат и до површината.

Ваквите епизоди не се невообичаени за Македонија. Европските метеоролошки служби редовно го следат транспортот на сахарска прашина преку сателитски системи и атмосферски модели.

Присуството на пустински честички може дополнително да го влоши квалитетот на воздухот и да предизвика тегоби кај чувствителните лица, особено кај оние со респираторни проблеми.

Најизразен останува топлотниот бран. Македонија до недела ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса од југ, а во делови од земјата се очекуваат и тропски ноќи.

Во Скопје денеска се очекуваат околу 33 степени, а во петок температурата може да достигне 36 степени. Високи температури ќе има и во Повардарието и југоисточните делови од земјата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?