Со транспаренти напишани со свои раце и гласно скандирање „Сакаме воздух!“, децата од Аеродром вечерва беа во првите редови на најмасовниот протест против депонијата Вардариште.
Стотици граѓани се собраа на крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ и маршираа до општинската зграда, барајќи итно решение за проблемот што со години ја труе нивната населба.
„1 од 9 деца умираат од загаден воздух“, „Дојди на блокади – аир (air) да видиш“, „Премиерот дише ист воздух или има друг?“ – стоеше на дел од транспарентите што вечерва ги носеа најмладите и нивните родители.
Протестот ја блокираше десната страна од булеварот „Србија“, од мостот до паркот „Јане Сандански“. Возачите кои поминуваа по спротивната лента ги поздравуваа и поддржуваа демонстрантите со свирежи од автомобилите.
Од собраните се слушна јасна порака до сите власти – сегашни, поранешни и идни:
„Скопје не го даваме. Сакаме чист воздух сега – не по избори!“
Граѓаните веќе две недели секојдневно се собираат на блокади, а најавија дека нема да запрат додека не се најде трајно решение за Вардариште. Нов марш е закажан и за утре во 18 часот.