СДСМ: Протестот на работниците не е политика туку борба за достоинствен живот и праведна плата

СДСМ


Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, денеска на прес конференија обраќајки им се на граѓаните и работниците им порача дека денеска се со право на улиците и се борат за достоинствени плати, за достоинствен живот, за корка леб.

„Зад секоја плата стои нечии труд, нечии раце, нечии соништа. Затоа е важно кога работниците ќе застанат заедно и мирно, достоинствено да го побараат она што им припаѓа“, рече Симона Цветановски.

Таа нагласи дека Христијан Мицкоски ги изневери, ги излажа и ги понижи.

„Ве нарекува хистерични затоа што барате минимална плата од 600 евра. Додека тој носи часовници од 150 минимални плати. Уште вели дека можеле работниците и без одмор, следно ќе каже може и без да јадат“, потсети Цвенавски.

Сите вие знаете дека СДСМ е на ваша страна и ве поддржува, потсети членката на ИО на СДСМ. „Кога бевме власт платите постојано ги зголемувавме, минималната плата ја зголемивме од 8.000 на над 20.000 денари, а просечната од 22.000 на над 42.000 денари“.

„И сега, кога ви е тешко, СДСМ поднесе Закон за минимална плата од 600 евра, но Владата го одби барањето. Имате право да го кренете гласот, да бидете на улиците“.

За СДСМ протестот на Синдикатот не е политика – тоа е борба за достоинство, за праведна плата и за подобар живот за секое семејство.

„Ние нема да го злоупотребуваме вашиот протест ниту ќе го политизираме, ние не сме ВМРО. Сите членови на СДСМ кои се и членови на Синдикатот ги повикуваме да се приклучат. Ова е ваша борба. Гласот на работниците мора да се слушне“, порача од прес конференцијата Симона Цветановски, членка на ИО на СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен