СДСМ: Реконструкцијата е театар за прикривање на неуспесите и алиби за предвремени избори

СДСМ

Опозициската партија СДСМ тврди дека промените во Владата се козметички, а не суштински, и обвинува дека премиерот создава политички тензии за да оправда евентуално распишување предвремени парламентарни избори.

СДСМ оценува дека реконструкцијата на Владата не претставува суштинска промена, туку, како што велат од партијата, „театар за прикривање на неуспехот“ на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот владин тим.

Од СДСМ велат дека најавите за „нова енергија и ново темпо“ се сведуваат на козметички кадровски промени кои, според нив, не ја менуваат состојбата во државата.

„Ова не е реконструкција која носи одговорност, туку прегрупирање на луѓе кои веќе две години ја водат државата во криза“, наведуваат од опозициската партија.

Според СДСМ, Владата се соочува со економски проблеми, празен буџет, застој во евроинтеграциите и раст на животните трошоци, а наместо да понуди решенија, премиерот се обидува да создаде впечаток дека се преземаат сериозни чекори.

Во соопштението партијата ја критикува и атмосферата во Собранието, обвинувајќи дека дел од владејачкото мнозинство упатувало навреди кон пратениците од опозицијата. Притоа, СДСМ тврди дека во таквото однесување учествувал и премиерот, а го посочува и вицепремиерот Иван Стоилковиќ за, како што велат, недолично однесување кон опозициските пратеници.

СДСМ понатаму оценува дека Мицкоски подготвува терен за евентуални предвремени парламентарни избори.

„Сценариото е јасно – преку сателитски партии или преку инциденти во парламентот се обидува да создаде алиби за распишување предвремени избори“, наведуваат од партијата.

Од СДСМ порачуваат дека реконструкциите и промените во Владата нема да ги решат, како што велат, наталожените проблеми и оценуваат дека граѓаните веќе ги препознаваат, според нив, неисполнетите ветувања на власта.

Најчитано