Се случи еден од најголемите и најшокантни скандали во здравството, откриени се најмалку 10 непотребни операции на срце. Но, се уште нема кривични пријави и нема целосни информации во јавноста.
Ова го кажа на почетокот на прес конференцијата на СДСМ денеска Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор. Нејзиното обраќање во продолжение го пренесуваме во целост:
Како е можно за ваков скандал без преседан, министерот да го презентира случајот на ваков начин, без целосни информации и без никакви пријави?
Министерот Алиу тврди дека комисија „утврдила“ непотребни операции, но во истата реченица вели дека извештајот не бил финален.
Ако извештајот не е финален, како се утврдени шокантните факти? Ако е утврдено – зошто документот се крие?
Зошто не се објавуваат имињата на клиниките и лекарите кои стојат зад тие интервенции?
Зошто по ваков огромен скандал не се поднесени веднаш кривични пријави и тие да бидат процесирани на останатите органи да постапуваат?
Што се чека? Дали некој треба да биде заштитен? Дали некој да добие време да се извлече, да избега, да се сокријат трагите?
За ваков скандал никој нема право да молчи и да калкулира.
Бараме итно јавно објавување на целосниот извештај, во фазата во која се наоѓа, без преправки, без селекција и без дополнително „пеглање“.
Објавување на сите приватни клиники и субјекти кои биле дел од процесот.
Објавување на сите имиња на комисии, консилиуми, лекари и управители кои носеле одлуки.
Инсистираме јавно да се соопшти, кој дал индикација, кој од докторите дал индикација дека треба да се направат, и тоа за сите интервенции.
Веднаш поднесување кривични пријави – без чекање, без прикривање и без одлагање.
Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиска полиција, поради сериозните индиции за корупција, недозволено упатување пациенти и профитирање врз туѓа мака.
Правна и психолошка поддршка за пациентите и семејствата кои се соочиле со траума и ризик по сопствениот живот.
Ваков огромен скандал не е и не може да се третира како административен пропуст. Станува збор за сомнеж за злоупотреба на здравствени услуги на најтежок можен начин и треба да се делува веднаш.
СДСМ ќе продолжи да бара целосна одговорност и објавување на сите факти во јавноста.

