Томас Вајц подготвува текст во соработка со известителите во сенка за да обезбеди јасен јазичен компромис чија финална верзија се очекува два-три дена пред 24 јуни.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Што сега по одложувањето на гласањето по Извештајот/Резолуцијата за Македонија се случува во кулоарите на Европскиот Парламент тешко дека некој со сигурност може да каже. Но бездруго зад затворени врати се одвива силна дипломатска активност на заинтересираните политички табори.
Чинот на одложување на гласањето до 24 јуни е доволна причина да се верува дека просторот и времето до тогаш треба да се пополни со изнаоѓање прифатливо решение за сите страни, за Резолуцијата да може да помине на Комитетот за надорешни работи на Европскиот Парлемент (АФЕТ).
Тоа значи се водат дискретни дискусии низ групите и партиите во ЕП, најмногу меѓу тимот на Вајц и пратениците од другите политички групи за прифаќање на атрибути за македонсксиот јазик и идентитет кои би биле помалку контроверзни, но при тоа да ја зачуваат суштината на македонскиот идентитет.
Контакти меѓу Вајц, комесарот за проширување и бугарските претставници се одвиваат со цел да се постигне формулација прифатлива и за Софија.
Внатре во групацијата ЕПП би требало да се одвива дебата дали ќе продолжат да го поттикнуваат повлекувањето на извештајот или ќе поддржат компромис со изменета формулација.
Стратешките разговори на ЕПП ќе бидат клучни за исходот во Комитетот и пленумот.
ЕПП, како најголема група во ЕП, се повлече во последен момент од поддршката на резолуцијата поради притисок од бугарските европратеници – тоа го потврдија и извори од ЕП, и Вајц индиректно. Таа група не ја поддржа Резолуцијата на 4 јуни – напротив, делуваше за нејзино одложување.
Така најверојатно стојат работите таму во Стразбур, додека овде во Македонија ја имаме изјавата на премиерот Мицкоски од која не можеме да разбереме што прави нашата дипломатија, но затоа тој јасно вината од евентуален неуспех ја прфрла врз „некои“ европратеници.
-Најголемиот дел од европратениците, оние кои вистински ги застапуваат европските вредности, одлучија да му дадат шанса на процесот и на 24 јуни повторно да биде на седница и ако не помине, ако повторно се одложи, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека проблем не се неколкуте стотини граѓани, кај нас, кои се дел од бугарската заедница да бидат во нашата Преамбула, туку дека се посебниот вековит македонски идентитет и македонскиот јазик. Тоа е суштината, тоа е проблемот, се останато нема никаква врска со реалноста, изјави Мицкоски.
Она што Мицкоски намерно не го кажува е дека ако Резолуцијата со формулација онаква каква првично ја постави Вајц не помине, ќе биде поради партијата на која тој и припаѓа-Европската народна партија (ЕПП), која има најголем број пратеници во ЕП-191 од вкупно 720. Ако тие не застанат зад Резолуцијата, ништо од „големата победа“.
Оние кои Мицкоски намерно не ги именува, но за кои вели дека „вистински ги застапуваат европските вредности, и кои одлучија да му дадат шанса на процесот“ се всушност Социјалистите и Демократите (S&D), Зелените и Либералите, кои го поддржуваат текстот. Но Мицкоски не им го кажува името зашто тоа се партиите блиски до СДСМ.
Како и да е нешто сепак се готви во Стразбур, кое не мириса дека ќе биде вкусно да се конзумира.
Томас Вајц подготвува текст во соработка со известителите во сенка за да обезбеди јасен јазичен компромис чија финална верзија се очекува два-три дена пред 24 јуни.
Во моментот нема јавен сигнал дека Томас Вајц лично сака да попушти, напротив, тој досега покажува цврст став. Но ако се разгледаат политичките и институционални околности, можни се неколку причини зошто би направил ограничено тактичко попуштање. Можеби не поради убедување, туку заради ефективност.
Како известувач, Вајц има мандат да обезбеди усвојување на резолуцијата. Ако остане со оригиналниот текст, ризикот е резолуцијата да не помине во AФET или на пленарна сесија. Во таква ситуација, целата негова работа би пропаднала, а политичката штета би била голема не само за него, туку и за Зелените во ЕП.
ЕПП (десен центар) е најголемата групација и има силно влијание. Ако тие условат поддршка со ревизија на термините, Вајц можеби ќе мора да прифати измена за да не остане изолиран. Претставници од другите групи во преговарачкиот тим исто така можат да му дадат јасен сигнал: „или компромис, или нема извештај”.
Ако Европската Комисија процени дека вака остро формулирана резолуција би го загрозила евроинтеграцискиот процес (со бугарско вето или политичка криза), може да го принуди Вајц да бара баланс.
Не е мал притисокот и од грубите напади што ги доби од бугарска страна, особено кога се персонализирани и прелеваат во закани. Иако досега не покажал страв, вакви напади честопати водат кон политичко тактизирање.
Томас Вајц јавно ги брани ставовите за македонскиот јазик и идентитет, не прифаќа лесно релативизирање на тие термини, но факт е дека го одложи гласањето – што значи дека смета оти не може да помине со тој текст. Не затоа што сака, туку затоа што мора. Вајц е принципиелен, но е и искусен политичар кој знае дека целта е извештајот да помине, а не само да остане симболичен.
Да се надеваме дека ако се реши на компромис, најверојатно ќе избоксува тоа да биде со јасна, јавна одбрана дека правата и идентитетот на Македонците се недвосмислено признаени.