Се подели експертската и општата јавност околу иницијативата за зголемување на старосната граница за одење во пензија.
Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, излезе со став дека треба да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години и ваквиот предлог е веќе испратен во Собранието. Измената се предлага да стапи на сила во 2026 година и да важи и за мажите и за жените. Одлуката е во рацете на законодавците, но во меѓувреме полемиката дали е тоа оправдана и единствена мерка добива на интензитет.
Експертите велат дека пари за повисоки пензии може да се добијат со ново задолжување, со зголемување на старосната граница за одење во пензија, со зголемување на процентот на придонес за пензиско осигурување, нешто што секогаш наидува на отпор кај работодавачите, или да се зголеми соодносот меѓу вкупниот број на вработени и пензионери во државата, што е рамно на фикција ако се погледне демографската ситуација.
Според академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет, иницирањето за поместување на старосната граница за пензионирање доаѓа од причини што сега секој 2,5 пензионер се финансира од државниот буџет.
„Врз основа на анализите на фискалната одржливост на ПИОМ предложивме такви мерки како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Најавите се дека дополнително ќе се разгледува уште еднаш фискалната статегија за 2025 година и најверојатно тогаш ќе треба да се најде решение“, рече Беџети за Дојче Веле.
За професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ова е многу лош предлог. Главниот критериум за него тука е колку долго луѓето живеат откако ќе се пензионираат.
„Во Македонија, тоа е 10 години – границата за пензионирање е 63 години (просек за мажи и жени), а просечниот животек век е 73 години (според податоците на Светска здравствена организација). Овие 10 години се веќе меѓу најкратките во цела Европа. Ако се крене границата на 67, луѓето ќе живеат во просек 6 години откако ќе се пензионираат, што веројатно ќе биде најкратко на свет. За споредба само, во Австрија луѓето живеат 18 години откако ќе се пензионираат – границата за пензионирање е исто 63 години, но животниот век е 81 година. Слично е и во повеќето земји од ЕУ. Кога животниот век и во Македонија ќе достигне 80 години, тогаш треба да се размислува за ова, вели Јовановиќ во анализа за „Локално“.
Како и да е и која и да било опција да се земе предвид, до оваа ситуација се дојде заради тоа што Пензискиот фонд, за прв пат по повеќе години, се најде во состојба да ја покрива дупката што се јавила помеѓу приходите и трошоците.
Околу 164 милиони евра годишно треба да издвои Владата од буџетот за да го обезбеди линеарното покачување од 2.500 денари месечно за сите приматели на пензии во Северна Македонија.
Исто толкава „дупка“ ќе се отвори и во март идната година, кога владеачката партија ќе го исполни изборното ветување за линеарно зголемување на пензиите за уште 2500 денари.
Дека не биле „розови“ работите во однос на полнењето на Фондот за пензиско осигурување, стана јасно и од фактот дека кон крајот на минатата година на два пати бил неликвиден и морал да позајмува, покрај редовната државна помош што ја добива од буџетот. Ова го открива објавената годишна сметка за 2023 на фондот.
„Фондот покрај трансферните средства од Буџетот на Републиката, утврдени со Буџетот на Фондот за 2023, користеше и позајмица за исплата на пензиите за месец октомври и ноември 2023 година“, резимира Фондот во завршната сметка.
Планираните приходи морало да се зголемат во текот на годината за повеќе од 4 милијади денари,а толкав на крајот на годината бил „минусот“ од направените редовни приходи и расходи. На крајот се собрале 4,78 отсто помалку пари од вкупно планираните. Изворни приходи од придонесите биле 1,6 милијарди евра и нивното учество во Фоднот изнесувало 65,74 итсто. Се останато главно било зависност од државна помош што следувала директно од буџетот. Бројот на корисниците на старосна пензија се зголемил за 2,12 отсто во текот на годината.
ПИОМ порано вообичаено користеше позајмици кога нема да ги добие планираните приходи и поради тоа Фондот користеше вонредни заеми од буџетот за да нема доцнење, односно да има редовна исплата на пензиите, а потоа парите ги враќаше од понатамошните приливи.
Р.Р.