Се вратија граѓанските патроли во Велес, односно заедничката акција на полицијата, на Општината, на родителите и на неколку организации на локации каде што се собираат младите.
Заедничките акции се организираат поради зачестените пријави од граѓаните за нарушување на јавниот ред и мир во вечерните часови.
Во акцијата ќе учествуваат членови на општинскиот совет за превенција од детско престапништво, претставници на МВР-СВР Велес од Одделението за превенција како и советници на Советот на Општина Велес.
Активноста има за цел превентивно дејствување преку посета на угостителски објекти и локации каде што најчесто се собираат деца во доцните вечерни часови, им се точи алкохол на малолетници и се нарушува јавниот ред и мир.
Во 2023 година се организираше ваква кампања насловена како „Соседска патрола“, во која учествуваа претставници од истите институции во Велес и кои заедно со родителите извршија превентивна обиколка на угостителските објекти, како и на местата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат и се задржуваат младите.
Целта на кампањата е превентивно да се дејствува и да се направи увид каде и како се забавуваат децата во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат и кои се можните предизвици со кои се соочуваат.
O.K.
*Содржината е преземена од Локал Актив Вардар, медиум на локалните заедници од Вардарскиот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
