Северна Македонија меѓу лидерите во енергетските реформи, нотира Енергетската заедница

Северна Македонија, заедно со Србија и Молдавија, е издвоена како земја со најизразен реформски напредок во енергетскиот сектор во текот на 2025 година, покажува најновиот Годишен извештај на Енергетската заедница.

Во извештајот, кој ја следи имплементацијата на енергетските реформи во земјите членки, се оценува дека Северна Македонија и Србија демонстрирале ефикасно спроведување на законодавството на Европската Унија за интеграција на пазарите на електрична енергија. Посебно се нагласува нивната координација во управувањето со електроенергетските системи и обезбедувањето сигурност во снабдувањето, што е поткрепено со видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Во делот што се однесува на РКЕ, од седиштето на Енергетската заедница во Виена е потенцирана проактивната улога на регулаторот во примената на Законот за енергетика, како и континуираниот мониторинг на усогласеноста со обврските за раздвојување.

Во извештајот се нотира и спроведувањето на законските надлежности на РКЕ во однос на надзорот на раздвојувањето, регулаторното дејствување преку одобрување на тарифите за пренос и дистрибуција, годишните планови за одржување на МЕПСО, операторот на преносниот систем и дистрибутивните компании, како и усвојувањето на петгодишниот Развоен план за операторот на дистрибутивниот систем. Дополнително, наведено е дека се усвоени и мрежните правила за дистрибуција на природен гас.

Посебно внимание во Годишниот извештај е посветено на законодавството и регулативата насочени кон зајакнување на отпорноста на системите и управувањето со сајбер ризиците во енергетскиот сектор.

Како што се наведува, Правилата за сајбер безбедност, усвоени од РКЕ, се применуваат од јуни 2023 година, а регулаторот одобрил и инвестиции за енергетските претпријатија со цел започнување на имплементација на стандардот ISO 27001. Во извештајот е евидентирано и формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација, како и усвојувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

Енергетската заедница оценува дека практичната примена на мрежните правила, транспарентното доделување на капацитети и транспонирањето на новите регулаторни рамки остануваат клучни предизвици, како за земјите членки на Енергетската заедница, така и за Европската Унија во целина. Сепак, од РКЕ посочуваат дека целосното спроведување на мрежните правила на територијата на ЕУ до август 2026 година се очекува да биде значаен поттик за понатамошна интеграција на регионалните енергетски пазари.

Зачлени се на нашиот е-билтен