Во нацрт-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија на европскиот пат, се изразува загриженост за проектот „Српски свет“, кој е опишан не само како кампања за економска доминација, туку и за промена на границите на Западен Балкан.
Оваа кампања ги опфаќа Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, според нацрт-извештајот, чиј автор е известувачот Томас Вајц, австриски европратеник од редовите на Зелените, објавува бриселскиот портал EUlive, што го пренесува Нова.рс.
Документот укажува на растечките регионални геополитички загрижености, особено аспирациите на Србија да врши влијание врз соседните земји, и ги критикува северно македонските функционери за учество на регионални состаноци „кои промовираат сфери на влијание што го загрозуваат суверенитетот на соседните држави“.
Исто така, се повикува на отворање на архивите на југословенските тајни служби УДБ и КОС, кои се чуваат и во Србија и во Северна Македонија.
Нацрт-извештајот ја нагласува важноста на справувањето со авторитарното минато на регионот на транспарентен начин со цел да се зајакне демократската одговорност.
Авторот Томас Вајц предупредува дека Северна Македонија е сè уште ранлива на непријателски операции на странско влијание, насочени кон ослабување на нејзиното општествено ткиво и промовирање антиевропски наративи.
Тие напори, како што е наведено, беа особено интензивирани преку таблоидите на српски јазик и медиумските мрежи кои служат како регионални релеи за пораките на Кремљ.
Се потсетува дека Северна Македонија протера 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година поради активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус, што се опишува како знак на „долгорочно прикриено влијание“.
Нацрт-резолуцијата, исто така, изразува загриженост за зголемената улога на Кина во регионот – преку контрола на информациските канали, договори за принудни заеми и „инвестициска дипломатија“. Посебно внимание се посветува на кинеското финансирање на платени содржини во македонските медиуми, што честопати не е јасно означено како такво.
Анализата од 2023 година, на која се повикува авторот на извештајот, детално опишува како субјектите поврзани со Кремљ користеле српски медиумски посредници за да промовираат анти-НАТО наратив и тврдат дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да „се откаже од својот идентитет“, се вели во неа.
Нацрт-извештајот завршува со предупредувања за растечки хибридни закани низ целиот Западен Балкан, од дезинформации и стратешка корупција до нетранспарентни финансиски текови и принудни инвестициски практики, особено оние поврзани со Русија и Кина.
Исто така, се истакнува улогата на Унгарија и Србија во поддршката на геополитичките амбиции на Русија и Кина, а особено се истакнува заемот што Унгарија ѝ го даде на Северна Македонија, за кој се шпекулира дека потекнува од Кина.