ССМ ги повика сите работници на голем протест на 14 март: Ние ќе се бориме, а Вие?

ССМ

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го најави следниот голем Работнички протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работничките плати кој ќе се одржи на 14-ти март.

„Ние ќе се бориме, а Вие? На 14 Март во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје започнуваме со Протест кој ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата. Нема простор за изговор, затоа што протестот е во неработен ден за најголем број на работници. Ќе организираме и превоз“, рече Трендафилов.

За претседателот на ССМ ова е шанса секој работник да излезе на улица рамо до рамо и да се бори за својата плата.

„Ако не протестирате вие, тие мислат дека добро живеете и дека и тие 1.667 денари колку што планираат да ја усогласат минималната плата ви се повеќе од доволно“. порача Трендафилов.

Тој потсети дека 154.399 работници имаат плата под 30 000 денари, или 1/3 од работниците во Македонија имаат плата под прагот на сиромаштијата и овие работници се најмногу засегнати од потребата за раст на минималната плата.

„Од почетокот на оваа година, работниците се посиромашни за 2.000 денари, а тие сакаат да им дадат само 1.667 денари и тоа не на сите работници. Вработените во приватниот сектор, доколку не се зголеми минималната плата нема да добијат зголемување на нивните плати затоа што газдите да сакаа веќе ќе го направеа тоа“, рече Трендафилов.

Тој укажа дека вработените во јавниот сектор, особено вработените во полицијата и армијата нема да добијат зголемување на нивните плати затоа што не се предвидени средства за тоа, а дел од останатите вработени ќе добијат по 5 или 7% или по околу 1500 до 2000 денари, па со зголемување на минималната плата и со зголемување на останатите плати ќе добијат многу повеќе, а повеќе ќе добијат и сите вработени на кои основна компонента на плата им е минималната плата, освен ако не се задоволни со срамни 1.667 денари.

„Тоа е мотивот кај сите треба да биде огромен, совеста кај сите треба да проработи. ССМ ги повикува сите работници, членовите на синдикатите здружени во ССМ, ги повикуваме дури и работниците членови на другите синдикати чии лидери ги продадоа за паушал од 15.000 денари месечно и прифатија 1667 денари усогласување на минималната плата, да се придружат кон Протестот“, апелираше Трендафилов.

Претседателот на ССМ ги повика работниците да си дадат поддршка самите на себе, да застанат во првите борбени линии за зголемување на нивните плати.

„Ние ќе продолжиме и понатаму да се бориме за зголемување на Вашите работнички плати, но мора да почнете да се борите и вие за зголемување на вашите плати“, рече Трендафилов.

Тој порача дека ги отфрлаат сите политички игри на грбот и на маката на работниците, сите политички игри кои се правеа и сите политички игри кои планираат и ќе се обидат да се прават и во наредниот период.

„Политичарите, да сакаа да им ги зголемат платите на работниците, веќе ќе го направеа тоа кога се власт и несмеат да ги поддржуваат работниците само кога се опозиција, и едните и другите“, вели Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, кој го најави следниот голем Работнички протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работничките плати кој ќе се одржи на 14-ти март.

Зачлени се на нашиот е-билтен