ССМ со најнови податоци: Работниците се двојно повеќе продуктивни, отколку што се платени

ССМ
Фотографија од архивата на ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за денеска најави прес конференција на која ќе се обрати претседателот Слободан Трендафилов. На средбата со новинарите се очекува да бидат соопштени детали пред утрешната, најавена, блокада на Владата.

ССМ минатата недела ги блокираше и го изрази своето незадоволство од пратениците во Собранието и од работодавачите со блокадата пред Стопанската комора на Македонија.

Во меѓувреме ССМ излезе со најновите статистики за продуктивноста на работниците, со која, според ССМ, манипулираат работодавачите и Владата кога велат дека од продуктивноста зависи и висината на минималната плата.

Според податоците од Меѓународната организиација на трудот (ILO), што ги објави ССМ, индикаторот Бруто домашен производ по одработен час во долари, односно продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 долари по одработен час (1.768,00 денари).

Статистиката вели дека Македонија, а пред се македонските работници се продуктивни над светскиот просек (23.27 долари). Ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297 024 денари месечно.

Нето минималната плата во Македонија изнесува 24.379,00 денари месечно, а еден работник создава 297.024,00 денари месечно, покажуваат податоците на ССМ.

Тоа значи дека работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно се создава месечно. Како што укажуваше Сојузот на синдикатите на Македонија, газдите и функционерите ги држат работниците во сиромаштија, односно создадената вредност не се распределува пропорционално кон трудот, а уделот на платите во создадената вредност е релативно низок.

Само 17% од создадената вредност одат во плата, а остатокот оди за профит, инвестиции, амортизација, даноци, трошоци на капитал и други расходи, укажуваат од ССМ.

За синдикатот е очигледно дека намерата да се спречи растот на минималната плата не е до тоа колку биле или не биле продуктивни македонските работници, туку до тоа колку се богатат и владеат на работничкиот грб.

Македонија има продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваа во спротивното, се посочува во анализата.

Кај дел од земјите во регионот се гледа дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока, споредуваат синдикалистите.

Исто така покажува дека македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот.

Како заклучок на сето ова, произлегува дека работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта ја поддржува оваа состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен