Новата административна зграда на Општина Карпош, еден од најголемите капитални проекти во историјата на локалната самоуправа, ќе биде свечено отворена следната среда, на 10 септември, со почеток во 19:00 часот. Од Општината ги покануваат сите граѓани да присуствуваат на настанот.
Објектот веќе е целосно осветлен откако деновиве беше приклучен на електричната мрежа од страна на екипи на ЕВН. Во моментов се изведуваат финалните поврзувања на телекомуникациските и интернет мрежите, со што зградата наскоро ќе стане целосно функционална.
Локалната самоуправа ја оценува зградата како едно од најзначајните вложувања во историјата на Карпош, истакнувајќи ја нејзината модерна и енергетски ефикасна градба. Изградена според современи стандарди, со модерен интериер и комплетно функционален приземен дел наменет за граѓаните, новата зграда ќе ги задоволи потребите на администрацијата и локалното население.
„Со овој капитален проект, Општина Карпош ја потврдува својата определба за создавање современи, функционални и енергетски ефикасни јавни објекти, во кои граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права и услуги во услови достојни за еден европски град“, се наведува во соопштението на Општината.