Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тајвански „Јагео“ влегува во земјата, најголема гринфилд инвестиција од осамостојувањето

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски денеска во Таипеи, Тајван, ќе потпише договор со „Јагео“ за нова инвестиција во Република Северна Македонија, вредна 205 милиони евра.

Како што јавува известувачот на МИА од Таипеи, станува збор за досега најголемата гринфилд инвестиција во земјава од осамостојувањето, која ќе отвори околу 4 000 работни места. Производствените погони на „Јагео“ ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје и во ТИРЗ Штип.

Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на компанијата. Предвидено е најпрво поздравни обраќања да имаат директорот Деспотовски и претставник на компанијата, а потоа, преку видео-конференциска врска, се очекува да се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.

Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.

„Јагео“ е основана во 1977 година и денес се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електрониката за широка потрошувачка (5G и телекомуникации). Има 29 продажни канцеларии, 49 производствени локации и 20 центри за истражување и развој во 24 држави во Азија, Европа и САД, а брои 40 000 вработени. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен