Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостување во утринската програма на Телевизија Алфа, соопшти дека околу 300 кандидати ќе бидат примени во Средното полициско училиште, односно сите кандидати кои успешно ги поминале предвидените селекции, проверки и елиминациони критериуми. Иако првично беше предвиден прием на 200 ученици, по направените анализи и консултации, како и по обезбедувањето на потребните финансиски средства, Владата донела одлука да бидат примени сите кандидати кои ги исполнуваат условите.
„Вкупната бројка на кандидати кои ги поминаа елиминационите критериуми поврзани со образованието, потребните оценки, поведението, физичките и здравствените карактеристики е околу 300 деца. Направивме детална анализа дали ќе можеме да ги примиме сите, разговаравме со Министерството за финансии и Владата донесе одлука дека ќе можеме да ги примиме сите. Навистина ќе беше жално да испуштиме кое било од тие деца кои ги исполниле условите“, истакна Тошковски.
Министерот изрази задоволство од големиот интерес за повторно воспоставеното Средно полициско училиште, за кое се пријавиле над 600 кандидати, оценувајќи дека младите покажале желба својата професионална иднина да ја градат во служба на државата и безбедноста на граѓаните. По 26 години, училиштето повторно започнува со работа од 1 септември, а учениците своето образование ќе го продолжат во трета и четврта година.
Тошковски потенцираше и дека сите ученици кои успешно ќе го завршат Средното полициско училиште ќе бидат дел од системот на Министерството за внатрешни работи, согласно договорот што Министерството го склучува со нив.
„Сите кои успешно ќе го завршат Средното полициско училиште ќе бидат дел од системот. Министерството за внатрешни работи е должно да ги обезбеди сите потребни услови тие да станат дел од МВР. Убеден сум дека оваа генерација во иднина ќе биде гордост на Министерството за внатрешни работи“, нагласи Тошковски.

