И овој избор на националниот избор за предлог за судии од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, очигледно нема да помине без контроверзи, најблаго кажано.
Зоран БОЈАРОВСКИ
И овој избор на националниот избор за предлог за судии од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, очигледно нема да помине без контроверзи, најблаго кажано.
Домашната комисија за избор на судија за Европскиот суд за човекови ги селектираше адвокатите Наташа Бошкова и Јордан Апостолски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан први“ Сашо Георгиевски како тројцата кандидати чии имиња и биографии ќе бидат анализирани во експертскиот панел во Советот за Европа.
Предлогот Јордан Апостолски да биде вклучен во „тројката“ за Стразбур е првата контроверза. Апостолски беше во тесниот круг и при првата постапка заедно со судијката Габриела Гајдова и обвинителката Ленче Ристоска, но владата летоска го поништи изборот и ја разреши старата Комисија. Владата тврдеше дека овие предложени кандидати не ги исполнувале условите но тројцата кандидати никогаш не добија образложение кои критериумите не ги исполниле. Ниту пак јавноста доби повеќе детали зошто тогаш овие тројца кандидати не ги исполнувале условите.
Три контроверзи и многу недоследности
Како се случи и што направи Јордан Апостолски сега да ги исполни условите, навистина не е јасно, ниту пак новата комисија го објасни тоа.
Втората, многу посуштинска контроверза е зошто ниту еден судија од пријавените кандидати не се најде на листата со предлози за судии во ЕСЧП во Стразбур?!?
Ова треба да се земе приоритетно предвид затоа што во највисокиот од листата на критериуми за избор на судија во Стразбур, коишто произлегуваат од Европската конвенција за човековите права во делот кој се однесува на ЕСЧП, а кои се многу прецизно опишани во Водичот на Советодавниот панел на експерти за кандидати за избор за судија.
Таму многу јасно стои дека на прво место во предвид треба да се земат кандидатите кои доаѓаат од највисоки позиции во правосудството – поранешни или актуелни судии на врховните или уставните судови, да поседуваат зрело професионално искуство и недвојбени квалификации за остварување на висока меѓународна судска функција. Овој услов би можел да се примени и за судии на апелационите судови, ако тие имаат “зрело професионално искуство“ и биографија во која се наведени бројни научни трудови. Важна компонента претставува и знаењето и искуството особено во областа на човековите права, во практиката или пак преку активизам во граѓанските организации.
Но, актуелната Комисија за избор на чие чело е претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновки, го прескокнала овој приоритет на ЕСЧП, иако меѓу кандидатите има(ше) една кандидатка, поранена судијка во Уставниот суд, Наташа Габер Дамјановска.
На прашањето зошто ниту еден судија не влезе во финалето, односно не се најде на листата од тројца предложени кандидати, Костадиновски немушто и прилично конфузно објаснува.
„Доколку ние имавме врховен или уставен судија и не го предложевме, тогаш ќе требаше да дадеме дебело образложение. Ми ја разбирате поената? Не јас, не комисијата туку стандардите во Стразбур на некој начион ги исклучуваат пониските судии…“
На дополнителното прашање дека меѓу кандидатите немаше пониски туку имаше и поранешен уставен судија, Костадиновски, очигледно затекнат, ја направи фројдовската грешка и рече: (воздишка) Имаше и поранешен, точно е, да… но одлуката на Владата… (Уууупс!!! Н.з.) на комисијата беше таква каква што ја кажав“.
Тоа не е објаснување коешто му личи на еден судија со одговорност да ги предложи најдобрите кандидати како што наложуваат препораките и водичот на Советодавниот панел на ЕСЧП во Стразбур.
И прашање е како си дозволи Костадиновски, или комиисијата со која претседава, сеедно, да си ја презема улогата на „бранител“ на пријавените кандидати. Демек да ги заштити пред „стандардите на Стразбур“, како што вели тој.
Негово, односно на националната комисија, е да го направи најдобриот избор, а предложените кандидати сами ќе си се „бранат“ во Стразбур.
И третата контроверза, којашто не е контроверза туку сериозно отстапување од постапката. Костадиновски рече дека Комисијата ќе ја извести Владата по што ќе биде испратен предлогот до Комитетот при Советот на Европа.
Комисијата нема потреба, ниту обврска да ја известува владата за својот избор затоа што тоа го изместува процесот од самостојното и стручно одлучување во оваа постапка. Комисијата треба своите предлози да ги достави во Стразбур, да чека доколку од таму има потреба од дополнителни обкаснувања и со тоа си ја завршува својата работа.
Потоа експертскиот панел на ЕСЧП за избор на судии спроведува постапка на интервјуирање од Комитетот при Советот на Европа, дури потоа предлогот оди на пленарен состанок на Совет на Европа.
Високи критериуми, јасно утврдени приоритети
За да не останеме должни за сите детали од постапката и критериумите за избор на судија во Стразбур, ги пренесуваме и останатите критериуми, според приоритетите наведени во Водичот на Советодавниот панел на експерти за кандидати за избор за судија, иако Рацин.мк веќе еднаш ги објави.
Делот на конвенцијата каде што се утврдените тие критериуми, наложува дека судиите треба да уживаат највисок морален углед и да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност. Оваа одредба подетално е објаснета во Насоките за селекција на кандидатите за позицијата судија во ЕСЧП, донесени од Советодавниот панел.
Нашите соговорници велат дека освен моралниот углед, пожелно е кандидатите да доаѓаат од највисоки позиции во правосудството – поранешни или актуелни судии на врховните или уставните судови, да поседуваат зрело професионално искуство и недвојбени квалификации за остварување на висока меѓународна судска функција. Овој услов би можел да се примени и за судии на апелационите судови, ако тие имаат “зрело професионално искуство“ и биографија во која се наведени бројни научни трудови. Важна компонента претставува и знаењето и искуството особено во областа на човековите права, во практиката или пак преку активизам во граѓанските организации.
Понатаму, за избор на судии во Стразбур, се препорачуваат и лица кои се „правни стручњаци со призната компетентност“, односно правни експерти од академската средина, кои имаат екстензивно искуство и зрелост во практикувањето и теоретската работа, како и важни академски трудови со особен акцент на човековите права. Прифатлива е и комбинација на судиско и академско искуство ако взаемно го исполнуваат условот “правен стручњак со призната компетентност“.
Овие критериуми не исклучуваат и други правни професионалци, но кои изградиле особена професионална зрелост, длабочина и блискост со теми поврзани со човековите права.
Советодавниот панел во насоките, од нивната досегашна разбота, наведува дека иако некои кандидати биле одлични практичари, експерти или универзитетски кадар, не ја поседувале потребната должина или длабочина на искуството кои се бараат.
По однос на познавањето на странски јазик (англиски или француски), иако од страна на Судот не се бара формален сертификат, сепак се бара како апсолутен минимум кандидатот да има солидно познавање на еден од двата јазика и исто така да поседува најмалку пасивно познавање на вториот јазик. Ова, за обата јазици го верификува преку интервјуто и комисијата за селекција во државата, но и Комисијата за избор на судии која финално одлучува.
Во однос на родовиот баланс, со цел да се постигне подобра родова претставеност во ЕСЧП, се бара предлог-листата да има најмалку еден маж и една жена. Но, се прифаќа и листа составена од лица од еден пол, кога кандидатите припаѓаат на полот кој е потпретставен во судот (се подразбира дека ова се однесува на женскиот пол).
Кога листата на кандидати ќе го помине филтерот на Советодавниот панел, следи интервјуто кое се спроведува од страна на Комисијата за избор на судии на ЕСЧП. Можно е да се случи Комисијата да не е задоволна од остварените интервјуа и да ја одбие листата во целост, по што односната држава треба да ја повтори целата постапка. Како пример, во периодот 2021-2024 листата на Полска била трипати одбиена, по што четвртиот пат бил успешен, како и на Србија – листата одбиена 2023 и успешна во 2024. Исто така, листите на Словачката Република (2025) и Кипар (2024) се одбиени, по што треба да се повтори целата постапка.

