Студентите утрово се собраа во близина на Блискоисточниот технички универзитет во Анкара да прочитаат соопштение, а потоа да маршираат, но полицијата употреби бибер спреј и водени топови за да ги растера демонстрантите.
Протестите во Турција почнаа минатата недела по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главниот ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Имамоглу е во затвор до судењето по обвиненијата за корупција и за поддржување на тероризмот.
Претходно, турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека истрагата против Имамоглу не е политички мотивирана и е „прашање на правосудството“.
- Категорично отфрламе каква било поврзаност на истрагата со претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган и какви било политички мотиви зад истражните дејствија, изјави Тунч, коментирајќи ги наводите на опозициската Републиканска народна партија дека Ердоган стои зад акциите против Имамоглу во обид да го спречи да се кандидира на следите претседателски избори.
Тунч ги повика западните земји, а особено турските „европски пријатели“, да ги чекаат резултатите од истрагата и правните постапки и да не брзаат со оценките за случајот.
Додека министерот за внатрешни работи Али Јерликаја денеска изјави дека за време на осумдневните протести приведени се 1.879 осомничени, од кои 260 ќе бидат во затвор до судењето. Додека 468 лица се пуштени под судска контрола, а продолжува постапката за 662 луѓе. ми/