Основното јавно обвинителство во Штип отвори истрага против петмина турски државјани осомничени за убиството на 25-годишен сонародник, што се случи вечерта на 8 мај во угостителски објект на Градскиот плоштад „Слобода“. Судот им одреди мерка притвор од 30 дена, а сите се спроведени во Затворот Куманово.
Прв осомничен е 21-годишен маж кој, според обвинителството, на почетокот од мај во Скопје купил пиштол од непознато лице за 1.100 евра. Оружјето било без идентификациски ознаки за модел и сериски број. Преку мобилна апликација тој се договорил со жртвата да се сретнат и, наводно, да ги надминат долгогодишните недоразбирања. По краток разговор од околу 15 минути, осомничениот влегол во тоалетот, се вратил со оружјето и пукал во жртвата со повеќе куршуми.
Останатите четворица – три мажи и една жена, на возраст од 22 до 28 години – му помогнале на сторителот да се обиде да побегне. По убиството, тие го качиле во автомобил „БМВ“ управуван од осомничената жена и се упатиле кон Скопје. Тројца од осомничените имале пријавен престој во Штип, додека сторителот и уште еден од помагачите биле без регулиран престој во земјава.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека сите инволвирани се уапсени и процесуирани. „Министерството за внатрешни работи ги уапси како сторителот така и оние кои му помогнале во бегството. Сите се процесуирани,“ рече Тошковски.
Полициската акција за нивно приведување била изведена на патарината Миладиновци, пред влезот во Скопје, со координација меѓу службите од Штип и Скопје.
Истрагата продолжува, а мотивите за убиството засега не се официјално утврдени. Обвинителството ги истражува сите можни насоки – од лични долгови и крвна одмазда до нарачано убиство. За делото убиство со предумисла е предвидена казна доживотен затвор.