Утврдување на безбедносна зона околу Собранието предизвика реакции на граѓанските активисти и конфузија во јавноста

Фото: Ванчо Џамбаски
Фото: Ванчо Џамбаски

Утврдување на безбедносна зона околу Собранието предизвика реакции на граѓанските активисти и конфузија во јавноста.

Реакциите дојдоа откако беше протолкувано дека предлог-законот, кој веќе влегол во втората фаза на читање, предвидува сериозни ограничувања во периметарот околу законодавниот дом, вклучувајќи и забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура во дефинираниот безбедносен простор.

Иако станува збор дека во Собранието е во тек процедура на разгледување е предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, поднесен по скратена постапка од страна на пратеникот Африм Гаши и група други пратеници, во точката 8, во која се наведува што се забранува стои дека нема да се дозволува „одржување на јавни собири, протести или манифестации“.

Со овој член од предлог-законот, конкретно се забрануваат и градежни активности и поставување на линиска и инсталациона инфраструктура, како и летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и безбедносната зона.

Реакциите на забраната за одржување на јавни собири, протести или манифестации во безбедносната зона на Собранието, која што се воспоставува и формално со овој закон, според оценката на дел од јавноста и соговорниците на Рацин.мк на оваа тема се должат на нетранспарентноста на постапката. Велат донесување на законот со кој ќе се крене „безбедносна зона“ околу Собранието непотребно се носи „во скратена постапка далеку од очите на јавноста, со амин од сите партии во парламентот“.

На ова уште треба да се додаде и фактот дека оваа најава за донесување на вакво законско решение, на прв поглед, е спротивно на основното човеково право на јавни протести на јавни површини, вклучувајќи ги оние пред јавните и државните институции, доколку не се заштитени со посебен закон со точно наведени причини зошто е тоа така и кои се границите на една таква безбедносна зона.

Сега засега правото на протест е загарантирано и со Уставот, во членот 21, кој утврдува дека ова право може да биде ограничено само во услови на вонредна и воена состојба.

Задоцнети образложенија и актуелниреакции

Иако одговорите на овие прашања пристигнаа многу брзо со дополнителните објаснувања од страна на претставниците на политичките партии во парламентот, се чини дека на ги ублажија реакциите, ако се има предвид дека оваа иницијатива на народните пратеници доаѓа во период на зголемени тензии и зачестени протести.

Оттаму граѓанските организации и активистите на тоа гледаат како на потенцијалното ограничување на уставно загарантираните права и слободи за организирање и спроведување на јавни собири кои вклучуваат и протести.

Од „Зелен хуман град“ велат дека образложенијата  на пратениците се обид да се спинува дека не се работи за забрана за протести околу Собранието, туку за спречување изградба на објект во тревникот.

„Што бара тогаш забрана за протести да е вклучена во предлог-законот? И како таа забрана за протести во тревникот ќе помогне да се реализира целта спречување изградба на објект?!“, прашаа во реакцијата.

Воедно, го цитираме членот 21 од Уставот во кој јасно е уредено кои се единствените ситуации кога може да се ограничи или попречи јавен собир, макар тоа било и на 2 метри квадратни тревник до Собранието, а во случајов не се работи за 2м2 се работи за над 1 хектар површина!

И едно од побитните прашања: Околу кој друг невоен објект на претставничката демократија постои „безбедносна зона“ и дали оваа „безбедносна зона“ околу Собранието ќе се користи како аргумент за идни „безбедносни зони“ околу останати невоени објекти кои на хартија му

За предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, поднесен по скратена постапка од страна на пратеникот Африм Гаши и група други пратеници, побаравме изјава и од Никола Писарев од Центарот за современи уметности (ЦСУ), познат по својот креативен активизам на јавните простори.

„Идејата за воспоставување на некаква специјална безбедносна зона околу македонското собрание лично ја гледам како уште еден шверцерски обид за уништување и отуѓување на јавниот простор во Скопје. Замислата  дека се ограничува движењето и ете да речеме протестирањето и слично пред собрание секако е неуставна бидејќи согласно уставот член 21 … група од најмалку 20 граѓани може да протестира без предходна највава и слично“, вели Никола Писарев од ЦСУ.

Тој вели дека од образложението што дојде дополнително, може да се протестира на булеварот „11 Октомври“, пред Собраннието или евентуално на улицата Даме Груев (зад парламентот) и тие не спаѓаат во опфатот на „шверцератот на новиот закон за безбедносна зона на Собранието, како што вели тој, но останува стравувањето.

„Мене не ми е страв дека нема да можеме да протестираме, туку ми е повеќе страв дека ова е продолжување на концептот на Скопје 2014 и батко Ѓоргија идеите на властите (се што видеја сака да е негово) и одзимање на едно убаво зелено парче од граѓаните на СКопје. На крајот на краиштата  неможеме, а да не се праѓаме зошто па баш на собрание да му припадне зелената коцка?! Еве нека му припадне на Домот на АРМ и нека остане зеленило, а пратениците ако сакаат тараби, торови, ѕидови  ако сакаат да се одвојат од народот кој не сакаат да го гледаат и најверојатно и се плашат од него, слободно нека си прават и ѕидови и канали со крокодили и бештии како во среден век ама сето тоа нека си го направат во зона од 5 метри од ѕидот на здрадата на собранието. Ова го викам затоа што одамна свативме дека државата не е наша туку нивна ама барем јавниот простор нека остане наш или барем на институцијата во која граѓаните имаат највисока доверба, а тоа секако не е собранито туку  е Армијата на РСМ која во далечното минато кога го одржуваше тој простор тоа беше прекрасно катче за уживање во центарот на градот“, посочува активистот Писарев.

Професорката Мирјана Најчевска, експерт за човекови права во својата реакција на прашање на Рацин.мк, вели дека „ваквото законско решение претставува јасен индикатор дека пратениците веќе не се претставници на граѓаните, туку претставници на политичките партии, односно врхушките на политичките партии“.

„Ова покажува и страв од граѓаните, свест дека се делува спротивно на нивните интереси и намера во иднина да се делува уште повеќе спротивно на интересите на граѓаните и секако свест дека ќе расте нездоволството на граѓаните. Со ова почнуваат да се озаконуваат диктаторските практики и тоа е само чекор од ограничување на делувањето на невладините организации, на медиумите и на неформалните здружувања“, предупредува Најчевска. „Во услови на потполна партизација ваквите мерки вообичаено водат кон спирала на забрани и ограничувања и завршуваат со насилни конфликти“.

Како е во Европа?

Во Европа, правото на мирен протест е заштитено со меѓународни и национални закони, но во пракса, неколку држави воведоа ограничувања или забрани за граѓански собири пред државните парламенти или на други симболични локации. Овие мерки често се оправдуваат со потребата за одржување на јавниот ред, но предизвикуваат загриженост кај организациите за човекови права.

Унгарија

Во март 2025 година, Унгарија усвои закон кој им овозможува на властите да забранат јавни собири, особено оние поврзани со ЛГБТК+ заедницата, како што се Паради на гордоста. Законот дозволува употреба на технологија за препознавање лица и забранува собири што се сметаат за „штетни за децата“, што ефективно ги ограничува ваквите настани.

Франција

Француските власти воведоа забрани за про-Палестински демонстрации, наведувајќи дека тие можат да предизвикаат нарушувања на јавниот ред. Иако Врховниот административен суд наложи дека забраните треба да се разгледуваат поединечно, локалните префекти продолжија да ги ограничуваат овие собири.

Германија

Во Германија, особено во Берлин, неколку про-Палестински протести беа забранети поради загриженост за јавната безбедност. Некои судови ги поништија овие забрани, но други ги потврдија, создавајќи правна несигурност околу правото на протест.

Обединето Кралство

Во Обединетото Кралство, Законот за сериозен организиран криминал и полиција од 2005 година воведе ограничувања за протести во близина на Парламентот. Демонстрантите мора да поднесат писмено известување до полицијата најмалку шест дена однапред, а областа околу Парламентот е дефинирана како „дизајнирана зона“ со посебни ограничувања.

Словачка

Во 2024 година, Словачка предложи закон кој значително би ги ограничил правата на мирен собир, дозволувајќи на властите да забранат протести под изговор на јавната безбедност. Овој предлог беше критикуван од Амнести Интернешнл како закана за демократските слободи.

Од овие примери може да се заклучи дека иако правото на мирен протест е основно демократско право, во пракса, неколку европски држави воведоа ограничувања, особено за собири пред државните институции. Овие мерки често се оправдуваат со јавната безбедност, но сепак, останува фактот дека предизвикуваат загриженост за слободата на изразување и правото на собирање.

Зачлени се на нашиот е-билтен