Вајц: Бугарските европратеници го искористија извештајот на ЕП за Македонија за домашни цели

Европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, во изјава за медиумите денеска истакна дека „Северна Македонија е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи“.

„Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ“, истакнува Вајц во својата изјава.

Според Томас Вајц, „извештајот нагласува дека проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува Северна Македонија да ги спроведе потребните реформи“.

„Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ. Како известувач, неуморно работев за добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја. За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, посочува во својата изјава европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент.

Како што е веќе познато, Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ денеска го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за нашата држава за 2023 и 2024 година.  

Пред гласањето, со мнозинство гласови беше усвоен заедничкиот амандман за бришење на македонскиот јазик, што го поднесоа европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“.

Зачлени се на нашиот е-билтен