ВИДЕО: Граѓаните со петминутен аплауз ги поздравија лекарите кои се грижат за повредените од Кочани

На протестниот марш кој вечерва се одржа во Скопје, граѓаните со петминутен аплауз ги поздравија и поддржаа лекарите кои се грижат за повредените од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Протестот започна на плоштадот Македонија во Скопје и продолжи пред зградата на Собранието и Градската болница, каде што граѓаните ги поздравија лекарите и им изразија поддршка.

По аплаузот пред Градската болница граѓаните се упатија кон зградата на Владата за да ги истакнат своите барања.

Пред маршот иницијативата „Кој е следен?“ објави и конкретни барања.  Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.

Тие исто така бараат и дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”.

Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Воедно, движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен