Граѓаните на скопската Општина Карпош, советниците од сите советнички групи, освен од ВМРО-ДПМНЕ се мобилизираа и низ неколку протестни собири досега и кажаа „НЕ“ на Владата за намерата да ја одземе спортската сала „Партизан“.
Најновиот протест е закажан за денесе во 19 часот пред спортската сала Партизан е повеќе од само објект. „Партизан“ е сала за која се врзуваат спомените, првите спортски обиди на илјадници карпошани, како и многубројните активности и успеси на многубројните спортски клубови на кои оваа спортстка сала им беше дом со децении наназад.
Карпошани: „Партизан“ не го даваме
Владимир Бислимовски, од советничката група на СДСМ, со очекувани емоции одговори на прашањата на Рацин.мк за одлуката на Владата „Партизан“ да им биде одземен на граѓаните на Карпош.
„Партизан! Зградата која значи здравје, зградата од мојата младост без интернет, Фејсбук, Инстаграм. Зградата која внесуваше здрав социјален живот во нас. Зграда со спомени од едно време за нормалното место каде карпошани се дружеа натпреваруваа и заљубуваа. Место на првата дискотека Арабела од мојата младост. Партизан зградата на непокор ја срушија и повторно се воздигна нова реновирана доградена да чува нови спомени за некои нови деца за нови победи награди и љубови“, ни рече Бислимовски.
После десеттина години целосна запуштеност и пропаѓање, салата „Партизан“ почна да се реновира во април 2022 година во мандат на СДСМ кога директор на Агенцијата за спорт и млади беше Наумче Мојсоски. Откако заврши реновирањето со пари од Агенцијата, Владата во декември 2023 ја предаде салата во владение на Општина Карпош. Тоа беше основната намера и исполнето ветување на тогашната власт којашто го презеде реновирањето на салата за да им го врати на граѓаните на Општина Карпош и на локалната самоуправа која што ја презеде за натамошно одржување.

Како што веќе е познато, оваа култна сала за карпошани, која е државна сопственост, во 2019 година е дадена на трајно користење на Општина Карпош, а по реконструкцијата која ја изврши Агенцијата за млади и спорт, во декември салата е предадена во надлежност на Општината, но празна – без никакви реквизити, без греење и вентилација и без приклучоци на вода и струја. За да се стави во функција, со одлука на општинскиот Совет, во буџетот на Карпош за 2025 година беа обезбедени средства со што салата се опреми и во март беше отворена и во неа се одржаа ученички спортски натпревари.
И покрај тоа, Министерството за спорт, со образложение дека салата не се користела година и пол, иницираше до Владата салата „Партизан 4“ да се одземе и да му се предаде на управување на Министерството. Тоа и се случи со одлука на Владата донесена на седница на 17 јуни, за што Општината беше информирана во почетокот на јули.
Тоа го покрена незадоволството на карпошани, на советниците и на градоначалникот Стевчо Јакимовски, со исклучок на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партизан е на карпошани. Конечно сите во еден здив без политика без калкулации. Сите заедно Партизан не го даваме сите заедно во еден здив. Ќе бидеме порадикални, ќе го браниме, но нема да го земат. Тој е на карпошани. За оваа власт немам коментар. Уште сала им фалеше, па се навртија на нашата за да тераат бизниси за да не може нашите деца да ја користат нашата сала. Салата „Партизан“ не ја даваме“, порача советникот во Општина Карпош Бислимоски.
„Партизан“ е битка против самоволието на власта
Општина Карпош се спропротивстави на Одлуката на Владата, со која и се одзема спортската сала „Наум Наумовски Борче“ која беше дадена во трајно владение на локалната самоуправа.
Владата ја донела оваа Одлука без никакво Образложение, кое треба да биде составен дел на правниот акт. Тоа е спротивно на актот кој произлегува од одлука на претходнагта Влада во 2019 година, кога во Агенцијата за катастар на недвижности на Северна Македонија, спортската сала „Партизан“ беше впишана и дадена на трајно користење на Општина Карпош.
После тоа локалната самоуправа воочи и некои недостатоци во рамки на спортскиот објект кои се од техничка природа, па затоа со повеќе Одлуки на Советот, Општината инвестираше околу 4 милиони денари со цел да ја направи функционална спортската сала „Партизан“.
Јакимовски и мнозинството советници сметаат дека во најмала рака би било коректно, Владата да ја извести Општина Карпош пред да ја донесе Одлуката за одземање на салата, бидејќи Општината со средства од граѓаните инвестирала финансии, за одржување на овој за нив култен спортски објект. Дополнително, веќе се донесени односно усвоени повеќе Одлуки од страна на Советот, со кои одредени делови од спортската сала се дадени на користење, со и без паричен надомест.
Мнозинството околу ова прашање во Советот ги задолжиоја стручните служби на локалната самоуправа и градоначалникот Јакимовски да водат понатамошна постапка пред надлежните органи.

Градоначалникот на општина Карпош уште еднаш го повика министерот за спорт Борко Ристовски да се откаже од намерата каубојски да ја одзема салата Наум Наумовски Борче и му порача дека во спротивно нема да има проблем само со него, туку и со советот и со карпошани.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 како донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а беше активен и во иницијативите за обнова.
Во 2005, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде салата под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена и затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут и стакло и изгледаше дека во секој момент може да се урне.