Владата се вплетка во нов скандал, не ѝ се по ќејф предложените кандидати за судот во Стразбур, ја поништи првичната предлог листа и ќе си бира свои кандидати.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Владата сама си се вплетка во скандал со одлуката да ја поништи предлог-листата со кандидатите за судија во Судот за човекови права во Стразбур, која ѝ беше доставена од страна на Комисијата за избор на кандидати на Република Македонија за судии при Европскиот суд за човекови права.
На неа, како финални предлози од 21 пријавен кандидат, најдоа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Таа листа, со овие имиња како предлози, до Владата била испратена некаде во средината на мај, по што ова прашање западна во тотален молк кој траеше сѐ до 22 јули кога на владина седница била донесена одлука овие предложени кандидати да не бидат прифатени со образложение дека не ги исполнувале предвидените условите.
Ништо повеќе нема во образложението.
Откако не ги прифатила кандидатите, Владата формирала нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија, потврдиле од Владата за „Слободен печат“.
Првата врата на скандалот
И тука се отвора вратата на скандалот и тоа по неколку основи.
Прво, како е можна таква крајна нетранспарентност кога е во прашање отфрлањето на предлог-листата на Комисијата? „Не ги исполнуваат предвидените услови“ никако не може да биде образложение. И затоа со право е една од предложените кандидатки, обвинителката Ленче Ристоска која реагираше во изјава, исто така за „Слободен печат“.
– Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат условите, како и во која постапка е ова утврдено.
Таа коментираше и на формирањето нова комисија за предлагање на судија во ЕСЧП.
– Ги следам случувањата околку одлуката на Владата за формирање на нова комисија која треба да ја продолжи постапката за предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа – изјави Ристоска за „Слободен печат“.
Со други зборови, Владата ја поништи одлуката на комисијата што самата ја формираше. Нешто не ѝ било по ќејф.
Втората врата на скандалот
А кога сме кај правилата стигаме до втората врата на скандалот со поништувањето на предлог-листата на кандидати за избор на судија во Стразбур.
Парламентарната асамблеа на Советот на Европа, кој е основач на Судот за човекови права во Стразбур, има подготвено и им ја има доставено на сите земји членки потписнички на Европската конвенцијата за човекови права кои со тоа се стекнуваат со право да „делегираат“ свиј опретставник во Стразбур.
Еве само некои препораки кои се однесуваат на националните комисии за избор на кандидати за судот.
7. Националната постапка за избор мора да исполнува одредени услови за да се зголеми веројатноста за посакуваниот исход – имено, сите тројца кандидати да бидат најдобрите достапни. Во „Упатства за избор на кандидати за функцијата судија во Европскиот суд за човекови права“ се вели дека националните постапки за избор мора да бидат фер и транспарентни.
Следните се клучните барања:
(1) постапката треба да биде стабилна и однапред утврдена, преку кодификација или во воспоставена административна пракса;
(2) повикот за кандидатури треба да биде јавен и широко распространет;
(3) треба да се овозможи разумен период за поднесување на апликации;
(4) телото одговорно за препорачување на кандидати треба да има избалансиран состав, неговите членови треба да имаат доволно техничко знаење и да уживаат почит и доверба, и треба да биде ослободено од несоодветно влијание;
(5) сите сериозни кандидати треба да бидат интервјуирани, врз основа на стандардизиран формат;
(6) треба да се проценат јазичните способности на кандидатите;
(7) секое отстапување од препораката на телото за селекција од страна на лицето кое донесува конечна одлука треба да биде оправдано со упатување на критериумите за утврдување на листите на кандидати и конечно
(8) листата треба да се достави до Собранието само откако ќе се добие мислењето на Панелот за соодветноста на кандидатите.
Тоа се препораките за националните комисии, додека минималните квалификации за да се биде судија во Судот се утврдени во член 21, став 1 од Конвенцијата:
– Судиите треба да имаат висок морален карактер и мора или да ги поседуваат квалификациите за назначување на висока судска функција или да бидат правници со призната компетентност.
Она што исто така е исклучително важно е првенствено да доаѓаат од судската сфера или од академијата. Но оние кои се од академијата треба да имаат меѓународно признаена кариеара од правната сфера со посебен акцент на активностите поврзани со човековите права.
Советот на Европа за кандидати за судии во Стразбур ја оставил и можноста тоа да бидат и лица кои не се судии или врвни академици, како што се адвокати, обвинители, омбудсмани, дипломати, правни советници на владини и невладини организации и, генерално, правни професионалци во јавниот (вклучувајќи го и политичкиот) или приватниот домен.
Но, овие кандидати треба да имаат докажани референци дека преку својата кариера, стекнале професионална блискост со функционирањето на судовите или прашањата за човекови права – секогаш под услов да имаат зрело професионално искуство што се очекува од „правници со призната компетентност“.
Имајќи го сето ова предвид, Рацин.мк, побара мислење од личности кои биле членови на националните комисии за избор на кандидати за судот во Стразбур, но нивните коментари и мислења за работата на овие комисии открива суштински аномалии во постапката.
Нивните забелешки главно се дека процедурата за избор се врши прилично површно, без да се навлезе подлабоко и посуштински во прашањата како што се колку повеќето од членовите на комисијата воопшто подлабоко ја позанаваат работата на Европскиот суд за човекови права.
Оттаму, коментираат тие за Рацин.мк, како може да очекувате добро и суштинско интервју со кандидатите кога тие што прашуваат знаат помалку за ЕСЧП, отколку некои од кандидатите.
Слични забелешки се оние во однос на тестирањето на познавањето на двата јазици (англискиот и францускиот) и како воопшто може да се донесе оценка врз основа прашањата: Ајде кажете нешто на англиски? Ајде сега на француски?
Смешни се ситуациите, велат бриферите за Рацин.мк, кога тие што ги поставуваат прашањата и не знаат што воопшто кажале кандидатите на еден од двата јазици.
Целата работа на комисијата беше разочарувачка, велат нашите брифери. Расправата за кандидатите беше површна, а за време на интерјуата, наместо стандардизирани и за сите исти, одеа по принципот: Има ли некој од комисијата прашање за кандидатот?
Освен површната расправа за кандидатите, зачудуваше притисокот што го вршеа претставниците на министерствата кои исто така имаа свои членови во комисијата. Тој не беше политички туку многу повеќе административен и нецелисходен во однос на задачата каква што е избор на најдобрите кандидати за судии во Стразбур.
За да ви биде појасно, вели еден од нашите брифери, наеднаш стана важно родовата еднаква застапеност, а не еднаквиот квалитетот на тројцата кандидати.
Третата врата на скандалот
Третата врата на скандалот е зачудувачката своеволност на владата во спроведувањето на постапката.
Од она што брзоплето го направи Владата со одлуката да не ја прифати предлог листата на националната комисија за избор на судии во Стразбур, на површина исплива фактот дека Владата сама оадлучила дека предложените кандидати не ги исполнуваат условите.
Ова произлегува оттаму што предлог листата не била испратена на мислење во Стразбур, односно до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа како што е предвидено со постапката што ја има утврдено Советот на Европа.
Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа е своевидна контролна точка и таму се утврдува дали предложените кандидати што ја доставила предлог листата ги исполнуваат критериумите или не. Отако ќе го направи тоа, панелот може да го врати предлогот назад до националната комисија, односно до Владата за да направи корекции ако тоа се налага.
Но, овој пат, предлог листата, како што произлегува од изјавата на Владата за Слободен печат, воопшто не стигнала до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа
Со тоа е прескокната оваа инстанца во постапката и Владата сама утврдила дека предложените кандидати не ги исполнуваат условите.
Или, пак, некој во Стразбур, добро запознаен со критериумите за избор на судии во Стразбур и добро запознаен со квалитетите на предложените кандидати, сугерирал дека е можеби подобро листата воопшто да не стигне до панелот експерти. Можеби заради тоа што меѓу оние 21 кандидат кои биле пријавени, имало некој кој далеку отскокнува од оние на предлог листата. Кои би биле мотивите на една таква можна заднина, останува да се истражува.
А во меѓувреме, Владата со отворање на овие три врати на скандалот не враќа назад во 2016 година, кога и тогаш изборот за судија во Стразбур беше обвиткан со скандал. Во ЕСЧП тогаш замина Јован Илиевски, поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и тоа токму во периодот кога завршуваше владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.