Фокусот на нападите во ЕП беше на идентитетот, но отфрлените амандмани покажуваат дека Европскиот парламент не сака да ја ревидира таа рамка во корист на Бугарија.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
По усвојувањето на извештајот за Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, домашната политичка сцена се подели во две спротивставени интерпретации. Едната страна (ДУИ/СДСМ) смета дека Европа јасно бара уставни измени, додека другата (ВМРО-ДПМНЕ) тврди дека вистинскиот проблем е идентитетот, а не Уставот.
Ако за момент ги надминеме меѓусебните обвинувања, можеме слободно да кажеме дека вчера Македонија извојува голема победа во Европскиот парламент. Комитетот за меѓунрадона политика (АФЕТ) со мнозинство гласови го усвои предлог Извештајот за напредокот на Македонија, првично оспоруван од бугарските и некои грчки евро пратеници. Имено 40 европратеници беа „за”, 19 гласа „против”, додека 10 останаа воздржани.
Но да одиме по ред. Во усвоениот извештај на европратеникот Томас Вајц, стои дека „Ги охрабрува властите во Северна Македонија да продолжат со процесот на уставни измени за да се вклучат други заедници, во согласност со европските стандарди“.
Оваа формулација не е нова – таа е дел од преговарачката рамка прифатена уште во 2022 година, според која отворањето на поглавјата (кластерите) е поврзано со внесувањето на Бугарите и други заедници во Преамбулата на Уставот.
Ова го потврдуваат и ставови на Европската комисија од годишните извештаи.
Но, во Европскиот парламент не беа уставните измени она што се оспоруваше, туку формулациите „македонски јазик“, „македонски идентитет“ и „македонски народ“, кои беа нападнати од бугарските европратеници. Во таа насока беа поднесени амандмани за бришење или релативизирање на овие термини со додавка „модерен“ или повикување на Договорот со Бугарија.
Ова е всушност вториот „спорен” момент во домашниот политички и јавен дискурс.
Бугарите сакаа “шверцерски” со амандмани во една друга европска институција како што е ЕП-да ја ревидираат веќе утврдената Преговарачката рамка! Сите тие беа отфрлени, што е значајна дипломатска и симболичка победа за земјата и тој факт не смее да се пренебрегнува.
Овој факт му дава за право на СДСМ, но и на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи дека преговарачката рамка навистина нè штити затоа што таа веќе ги содржи заштитните формулации за јазикот и идентитетот.
Во преговарачката рамка стои дека македонскиот јазик се признава без фуснота или додавка (исто како кај ФРОНТЕКС) не се бара „заеднички јазик“ или „историска интерпретација“ во формалниот процес.
Затоа, кога бугарските европратеници поднесоа амандмани за „модерен македонски јазик“ и „македонски идентитет како граѓанска конструкција“, тоа беа обиди за дополнително условување, надвор од веќе прифатената рамка.
Отфрлените амандмани покажуваат дека Европскиот парламент не сака да ја ревидира таа рамка во корист на Бугарија.
Но и Мицкоски има право кога вели дека суштината не се само уставните измени затоа што ако рамката е стабилна и веќе ги признава нашите позиции, зошто постојано се отвораат напади врз неа од бугарска страна?
Тоа значи дека рамката е политички, но не и целосно имунолошки отпорна, иако е затворена на хартија.
Прашањето што ја погодува најчувствителната точка во целиот „пакет од 2022“ е дали Протоколите (кои се надвор од Преговарачката рамка) се механизмот преку кој Бугарија сè уште може да создава проблеми?
И да и не! Имено Протоколите се „немоќни” кога станува збор за македонскиот јазик.
Билатералниот протокол потпишан 2022 година како дел од „добрососедската динамика“ не е дел од acquis, ниту од преговарачката рамка. Тој овозможува годишна оценка (joint review), пред сè во образованието, историјата и културните прашања.
Но, Бугарските власти и пратеници (особено од ВМРО-БНД и ГЕРБ) инсистираат дека„ „почитувањето на протоколите“ е дел од напредокот во преговорите. Преку нив бараат „резултати“ од Комисијата за историски прашања и сугерираат дека негативен извештај (во годишен билатерален контекст) може да биде повод за блокада.
Но тие не можат преку протоколите да го оспорат јазикот — бидејќи тој е заштитен со формален европски документ (рамката и ФРОНТЕКС).
Извештајот сега оди на пленарна седница, каде може да се јават нови политички притисоци, особено од бугарскиот лоби во ЕПП.
И покрај позитивниот тон во Парламентот, вистинските одлуки ги носи Советот на ЕУ, каде што Бугарија може и понатаму да блокира.
Европската комисија е јасна – уставните измени се неопходен дел од европскиот пат (нешто што ДУИ/Османи го истакнуваат).
Фокусот на нападите во ЕП беше на идентитетот, но отфрлените амандмани покажуваат дека Европскиот парламент не сака да ја ревидира таа рамка во корист на Бугарија.