За пет месеци казнети се дури девет полициски службеници. Двајца за случајот „бегство“ на Артан Груби, шестмина за пропуштање на „свадбарската делегација“ на Спикерот Африм Гаши и еден од обезбедување на собранискиот претседател поради инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот Аеродром.
И министерот Тошкоски вели има уште кртови во МВР!
Во неодамнешниот случај на „бегство“ на Артан Груби, двајца полициски службеници се последните жртви на пропусти за кои вината може да се бара во други владини инстанци, кои во желбата за „на врат, на нос“ да спроведат правда, ги казнуваат непосредните работници.
Така, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Б.Ј. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Според објаснувањето на Министерот Панче Тошкоски, Б.Ј. требал да постапи според наредбата „задржи и информирај“, која инаку е спорна, затоа што за лицето Артан Груби на денот на преминувањето на границата немало судски налог, туку усна наредба од страна на јавен обвинител.
Полицискиот службеник Б.Ј. можеби нема познавања од ЗКП, но веројатно знаел дека пред себе нема судски налог, на што укажува и Професорот Гордан Калајџиев.
„Каква е таа мерка „задржи и извести“?!! Јас сум слободен граѓанин сè додека судот не ми определи мерка, а таква немаше. Може да ве задржат на граница во случај на итност. Полицијата има многу ограничени можности како на пример во рзумни ситуации, како кога има грабеж на банка и крадците бегаат преку граница, имате 15 минути во такви ситуации. Нормално не може да чекате судска одлука. Полицијата може во случај на итност да ги сопре и да ги уапси. Но оваа сигуација со Груби и со Лотарија таа не е од сега, таа е повеќе од една година што значи имале властите доволно време, ако имало соменија и ако имало основа ќе побарале да се уапси.“
Втор на листата казнени полициски службеници е лицето Б.А. инаку раководителот на смена на истиот граничен премин, за истиот случај, бегство на Артан Груби. Тој е со полесна казна. За него е поведена дисциплинска постапка затоа што ги оставил без батерии своите колеги подолго време и нивните камери биле неупотребливи.
Претходно, против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши помина исто така на граничниот премин Блаце.
„Одделот за внатрешна контрола, на МВР го расчисти случајот од 17 август 2024 со тоа што по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С.“, се наведува во соопштението од МВР.
Повторно, никој друг не е виновен освен полициските службеници кои ете не смогнале храброст да ја запрат колоната и Претседателот на Собранието кој со слуѓбено возило и полициско обезбедување, излегол од државата заедно со уште шест цивини возила за на свадба во Косово.
Уште едно лице со иницијали С.С. добива кривична пријава и суспензија за инцидентот на скопскиот аеродром.
Инаку С.С. е обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународниот Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со косовската претседателка Вјоса Османи, а во врска со безбедносните процедури за преглед на багажот. Тој турнал вработен на аеродромот и се движел во простории каде немал овластување.
Поднесена е кривична пријава против С.С. – началник на личното обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
И да е така, но кога лице од обезбедување ќе добие налог од висок претпоставен „оди среди ја работата таму“, веројатно подразбира дека треба да стори сè што е во неговата „моќ“, што претходно некој му ја дал. Зошто инаку Претседателот на Собранието се замешал во расчистување на работи што не се во негова надлежност.
Но лицето С.С. добро се „нашло“ да биде жртвеното јагне во големите политички игри на „нати го, дајми го“!
Љубиша НИКОЛОВСКИ