Забрчанец: Јавноста пропушти важни поенти од Фрчкоски – „ВМРО отсекогаш носела конфликт, во еден момент дури и формален предлог за поделба на Македонија“

Марјан Забрчанец, поранешен национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи и долгогодишен специјалист за комуникации, во своја објава на „Фејсбук“ реагираше на тоа што, според него, јавноста останала „заслепена“ од преписките и шпекулациите за наводното „мешетарење“ во и околу СДСМ, наместо да обрне внимание на суштинските пораки што професорот Љубомир Фрчкоски ги изнесе синоќа во емисијата „Во центар“.

„Со исклучок на неколку портали, ретко кој обрна внимание на поентите подолу изнесени од Фрчкоски“, напиша Забрчанец, додавајќи дека токму тие изјави претставуваат политичка анализа што заслужува многу поголем одек.

Меѓу клучните ставови што тој ги издвојува, се забележува жестока критика на актуелната власт и остри оценки за состојбата во политичкиот систем:
Фрчкоски, според Забрчанец, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ „претрпело лузна на изборите и не знае што да прави по победата“, а Македонија, како што рече, е „доведена до еутаназија“. Професорот предупреди дека на власта ѝ останува само да започне со „прогон и рушење на обвинителството“, кое, како што нагласи, претставува „единствена демократска брана што мора да опстои“.

Во својата анализа, Фрчкоски истакнал дека „ВМРО не разбира дека ја води Македонија, а не Вмровија“, и дека со тоа покажува дека е „под нивото на историските задачи“. Тој повикал и на поддршка за граѓанскиот сектор, кој, според него, ги одржува „меурите на слободарството“.

Понатаму, меѓу другото, професорот ја споредил политичката зрелост на Еди Рама со онаа на ДПМНЕ, за кој рекол дека „Рама за нив е академик во политиката“. Во однос на СДСМ, Фрчкоски смета дека падот на гласовите се должи на „помалата излезност“, но дека „внатрешното роварење“ во партијата претставува уште поголем проблем.

„Разбирам фракционерство, но не и роварење против сопствената партија“, порачал тој, потсетувајќи дека СДСМ, и покрај сите слабости, е партијата што ги донела „сите конститутивни одлуки за државата“.

Фрчкоски, според објавата на Забрчанец, ја нарекол Левица „националистичка, а не левичарска партија“, а за движењето ЗНАМ, кое го поврзал со поранешниот премиер Бранко Црвенковски, рекол дека „падот на нивните гласови и пропаѓањето во блато може да донесе ново издигнување на СДСМ како што сме виделе и во минатото“.

Со оваа своја реакција, Забрчанец порача дека зад медиумскиот шум и сензационализмот околу партиските преписки, останале незабележани длабоките анализи и предупредувања на Фрчкоски, кои, според него, заслужуваат да се слушнат многу погласно во јавниот дискурс.

Зачлени се на нашиот е-билтен