Заложници на минатото: Бугарскиот претседател и македонскиот премиер

заложници
Собранието, Министерскиот совет и Претседателската палата во Софија, Бугарија, Фото: Википедиа

Зошто Северна Македонија и Бугарија остануваат заложници на историјата? Новинската агенција Мета објавува фељтон со серија написи во авторство на новинарот Борјан Јовановски преку кои се нудат одговори на ова прашање кое преку најразлични штетни влијанија и пропаганда години наназад го кочи напредокот на македонската држава кон неопходни реформи кои ќе влијаат на подобрување на квалитетот на животот и во рамки на процесот на пристапување на земјата кон Европската унија.

Борјан ЈОВАНОВСКИ

Во периодот кој многумина го нарекуваат „Крајот на историјата“ според тезата на Фукујама, или поточно новата ера на европските демократии, тогашна Република Македонија и република Бугарија влегуваат на различен начин. Во Бугарија транзицијата ја симболизира владеењето на Жељу Желев, поранешен дисидент и политички прогонуван интелектуалец кој стана прв демократски претседател на државата и ја внесе во новата ера на либерализмот ослободена од комунистичката хипотека.

Од другата страна на границата, работите стоеа малку поинаку. Македонија излезе од југословенската федерација под водство на „младите лавови“ на социјал-демократите кои само што имаа излезено од некој од славните Конгреси на Комунистичката партија.

За овие млади лавови беше тешко од таму да излезат растоварени од идеолошкиот багаж на 80-те кога кај нас доминираше Милошевиќ кој инспириран од Добрица Ќосиќ го воскресна најгрдото лице на српскиот национализам и хегемонизам. Последиците од тој период и денеска се чувствуваат на просторите на поранешна Југославија, каде наследството на Темпо и Боби продолжи да се пресликува во нови политички контексти.

Во Софија имав можност да се сретнам со Стефан Тарфов, советникот за надворешна политика на првиот претседател на демократска Бугарија, Жељу Желев. Тој отворено кажува дека првата демократска бугарска влада внимателно ги следела случувањата во тогашна Македонија, но имале дилеми околу тоа како да постапат „со оглед на околностите“.

Стефан Тарфов | Фото: dabulgaria.bg, CC BY 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by/4.0>, Викимедија комонс

“Македонија во 1990 и 1991 година сè уште се колебаше во врска со Југославија. Од друга страна, ние бевме во незавидна социо-економска ситуација па се плашевме од реакциите на Грција, а не ни беше сеедно гледајќи го агресивното однесување на Милошевиќ. Во 1992 година тешко беше да се изгради позиција“, вели Тарфов.

Тој објаснува дека во обид да добијат подобра слика за регионалните процеси, стапиле во контакт со кабинетот на францускиот претседател Франсоа Митеран.

„Претседателот Желев сакаше да добиеме информација за случувањата во Југославија. Од Париз ми рекоа дека [Робер] Бадентер насокоро ќе соопшти дека препорачува признавање на Македонија. Ми олесна. Веста ја пренесов во Кабинетот, а потоа и во Владата која заседаваше. Кога ја соопштив веста, владиниот кабинет не ја криеше радоста. Одлуката беше донесена и Бугарија беше првата земја која ја призна независноста на Македонија”, се присеќава Тарфов.

Либералната визија на Желев и судирот со живковистичката матрица

Жељу Желев, либерален интелектуален и жртва на комунистичкиот режим на Тодор Живков, имал спротивставени ставови кон македонското прашање кои се обидува да ги институционализира во Бугарија и покрај отпорот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) како наследници на живковизмот.

“Нè чекаа големи предизвици за демократизацијата на Бугарија. Иако ја освоивме власта, БСП беше во опозиција со силно влијание во институциите каде имаше многу нивни луѓе. Во однос на македонското прашање БСП остро нè критикуваше и тој нивни национализам беше прифатен од јавноста која сè уште ја немаше напуштено матрицата на живковизмот”, вели Тарфов во обид да ги објасни ставовите на Желев но и проблемите со кои се соочувале неговите политики.

Москва со години наназад умешно влијае врз бугарските ставови и ширењето на наративите околу губење на македонскиот јазик и идентитет. Тоа може да биде и објаснување зошто уште од времето на Желев признавањето на Македонија како независна држава не го опфаќаше експлицитно и признавањето на македонскиот јазик. Голем број бугарски политичари и интелектуалци сè уште инсистираат дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот и дека „македонската нација“ претставува вештачки проект создаден од комунистичка Југославија, иако, се покажува дека во бугарското општество не постои консензус околу ова прашање. Во секој случај, ваквата пропаганда се прелева и кај нас при што се нуди како алиби за продолжување на застојот во евро-интегративниот процес што може да претставува еден вид на исполнување на целта на руската држава кога станува збор за Македонија.

Македонскиот академик и писател Божин Павловски | Фото: Dzide, јавен домејн, Викимедија комонс

Но, ставовите на Жељу Желев и кон прашањето за јазикот биле драстично поинакви од менјстримот. Тоа го потврдува и македонскиот писател Божин Павловски во една од неговите белешки. Според Павловски, при осамостојувањето на Македонија, „големиот бугарски интелектуалец Жељу Желев прв му подаде рака на македонскиот народ и на нашата држава“.

Како што пишува Павловски, уште во 1988 година го угостил Желев во неговата легендарна Мисла и се договориле неговата книга „Фашизмот“ да излезе на македонски јазик.

Според Павловски, Жељу тогаш изговорил нешто што треба да се запомни: „Вие често грешите кога велите дека имате најголема дијаспора во Америка или Австралија. Вашата најголема дијаспора е во Бугарија“, рекол во таа пригода Желев.

Тој подоцна во две прилики многу јасно ќе го демонстрира неговиот или тогашниот пристап на бугарската држава кон Македонија. За време на грчкото ембарго и санкциите кон Србија, Бугарија ќе го обезбеди единствениот коридор по кој Македонија ќе може да се снабдува со нафта од Црното Море.

Како што се присеќа Тарфов, подоцна следувала и иницијатива на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ кој заедно со Константин Мицотакис во Атина го поканил бугарскиот премиер Димитар Попов за да се разгледа можноста за нова поделба на Македонија.

“Желев беше категоричен и му забрани на Попов да отпатува во Атина”, вели Тарфов. Конечно, како што ни рече Тарфов, Желев ја одбил и идејата на поранешните бугарски комунисти, подржани од Москва за формирање на нова Балканска федерација во која би била вклучена и Македонија а крајната цел била да се оттргне Бугарија од нејзините европски аспирации.

“Желев немаше никаков проблем со постоењето на македонскиот јазик. Знаете дека неговата книга се преведе на македонски за да го демонстрира тоа јасно. Имаше многу гестови со кои сакавме да покажеме подготвеност за еден друг квалитет на односи и покрај иопструкциите со кои се соочувавме внатре во институциите и интелектуалната елита која беше интоксицирана од живковизмот“, вели Тарфов.

Но, како што додава тој, за жал од другата страна на границата немало сличен повратен одговор.

„На пример, куќата во Крушево во која е прогласена Крушевската Република му припаѓа на Ѓорѓи Томалевски кој по падот на Крушевската Република со семејството заминува во Софија. Тој е познат револуционер а не неговата куќа го нема ни неговото име, само плоча на киоја пишува дека таму е прогласена Крушевската Република“, вели Тарфов присетувајќи се на рените 90-те.

Турбулентните 90-ти

Во Македонија кон средината на 90-те социјал-демократите ја имаат речиси апсолутната власт. Недостатокот на реформи во духот на либерално демократските вредности подоцна ќе се покаже како сериозна слабост поради што ќе ја изгубат власта.

Како новинар, известувач за ТВ А1 во Брисел каде редовно ги следев случувањата во НАТО и ЕУ, имав можност да сведочам едно „недоразбирање“ меѓу Македонија и админстрацијата на НАТО.

Борјан Јовановски како известувач и водител на емисија од Брисел | Фото: Еврозум

Имено, НАТО инсистираше на регионална соработка меѓу тогаш потписничките на Партерството за мир вклучително и ние и Бугарија.

Во текот на 1996 година во Брисел дојде тогашниот премиер Бранко Црвеновски на разговори околу оваа соработка и како што нè информираше, неговата проценка била дека Македонија не можела да соработува така лесно со Бугарија затоа што сме имале многу проблеми со нив од минатото.

Така и пренесов а потоа бев на брифнг кај тогашниот портпарол на НАТО, Џејми Шеј. Побарав објаснување и го добив.

“Едноставно е, ние знаме дека вие имате проблеми од минатото и целта на нашата полтика е да ви обезбедиме „чадор“ и соработка на теми за кои нема несогласувања ако и едните и другите сакате да бидете дел од НАТО. Градејќи меѓусебна доверба со наше менторство во сферата на безбедноста и одбраната ќе создадете и атмосфера во која подоцна ќе можете полесно да ги решавате и потешките прашања”, ми објасни Џејми Шеј.

Муабетот ми се виде логичен и немав други прашања. Направив инфромација и известив во вестите на ТВ А1. Бев шокиран од нивото на политичка нервоза со која беше дочекана оваа вест од тогашната владеачка елита. Сум бил млад и неискусен, не сум разбирал многу па сè до безбедносни проверки и „неформални“ разговори со мои „колеги“ за да се провери кој тоа мене ме плаќа.

Стефан Тарфов, мојот ценет соговорник во Софија со богато дипломатско и интелектуално искуство, исто така, ми ги раскажува неговите фрустрации од тој период.

Тој се присеќа дека на прием за време на состанокот на Централно-европската иницијатива во Италија, тогашниот полски минстер за надворешни работи Бронислав Геремек, сакал да го запознае со македонскиот премиер Бранко Црвенковски.

„Се израдував на можноста, но при запознавањето со тогаш многу младиот Црвенковски осетив една одважност и некаква потреба да се наметне супериорно во односот со мене како тогашен бугарски амбасадор во Италија“, вели Тарфов.

Како што додава тој, Геремек, со неговиот полтички и интелектуален авторитет говорел за потребите од соработка меѓу Бугарија и Македонија во рамки на процесот на европската интеграција на што Црвенковски изненадувачки дрско и недипломатски рекол дека нема потреба од тоа бидејќи Македонија била многу понапред од Бугарија и дека ќе влезела многу порано во ЕУ.

„И така непријатно заврши тој разговор по што сфатив дека тој е ист како нашите од во Софија од БСП”, раскажува Тарфов.

За жал, Македонија не го искористи Желев и неговата визија за градење на добрососедски односи по што веќе во почетоткот на новиот век и во Бугарија поранешните комунисти и соработници на службите повторно освоија позиции во државните институции. Во март 2004 година Бугарија стана членка на НАТО,  а во 2007 година и полноправна членка на ЕУ. Годинава, тие заедно со Романија се вклучија во Шенген зоната, а од први јануари 2026 година нашиот источен сосед ќе влезе и во евро-зоната со што нивната евро-интеграција ќе биде комплетна иако во тој процес падна уште една влада а државата се подготвува за нови, којзнае кои по ред, парламентарни избори.

(Продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен