Запленета голема количина брендирана стока и алат на автопатот Табановце – Куманово

Полицијата спречи обид за шверц и заплени вкупно 272 парчиња разновидна брендирана гардероба и 174 парчиња рачен, батериски и електричен алат, за кои не била приложена соодветна документација.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена вчера (14 декември 2025 година) на автопатот Табановце – Куманово, каде полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделението за гранични работи и миграции во два одделни случаи лишиле од слобода две лица.

Во првиот случај, полицијата запрела патничко возило „голф“ со кумановски регистарски таблички, управувано од Б.И. (38) од Куманово. При извршениот преглед во возилото биле пронајдени 272 парчиња различна брендирана стока без придружна документација. Стоката била одземена, а возачот приведен.

Во вториот настан, полициските службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С. (41) од Скопје. При контролата биле откриени 174 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без соодветни документи. Возилото и пронајдениот алат биле одземени, а лицето лишено од слобода.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на двата случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Зачлени се на нашиот е-билтен