Запленети злато, 37.500 евра и луксузна стока во акции на македонската царина

Царинските служби изминатите денови спроведоа низа успешни акции во кои беа запленети злато, девизи, луксузна стока и нелегални производи на неколку гранични премини и на Меѓународниот аеродром Скопје.

При контрола на багаж на турски државјанин кој се обидувал да излезе од државата, на аеродромот биле откриени златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети од 39 грама. Вкупната проценета вредност на златото изнесува околу 538 илјади денари.

Во друг случај, македонски државјанин кој пристигнал со лет од Лондон бил затекнат со два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Ејпл“, кои не биле пријавени при влез во државата.

Мобилните царински тимови на граничниот премин Табановце запленија вкупно 37.500 евра во два одвоени случаи. Српски државјанин се обидел да внесе 24.000 евра, од кои 14.000 се задржани, додека во друг случај на преминот Блаце биле пронајдени 25.500 евра скриени во возило со македонски регистарски таблички.

На граничниот премин Ново Село цариниците откриле 96 кутии цигари без акцизни маркички и вкупно 34 ремени за прицврстување товар во товарни возила во два одделни случаи.

Акциите се дел од засилените контроли на Царинската управа насочени кон спречување на нелегалната трговија и шверц на вредни и акцизни производи.

Зачлени се на нашиот е-билтен