Ѕвездено небо и 16 минути тишина на плоштадот Македонија за жртвите од Кочани

Под ѕвезденото небо и во тишина, граѓаните на Скопје на градскиот плоштад оддадоа почит на 59-те жртви кои на 16 март ги загубија своите животи во трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

Со црни балони пуштени кон небото и 16-минутен молк, присутните го изразија својот гнев и тага. Атмосферата беше обележана со тишина, а лицата на присутните носеа болка и потиштеност.

Собирот беше организиран од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“, која претходно стоеше зад протестите за правда за Фросина. Организаторите ги повикаа граѓаните во сите градови да се соберат на плоштадите и заеднички да оддадат почит на жртвите од трагедијата.

Како што најавија организаторите, овие собири се одржуваат на плоштадите за да не се попречи сообраќајот додека повредените сè уште се транспортираат до болниците. Но, тие порачаа дека наскоро ќе следуваат и протести на улиците.

Мноштво граѓани на плоштадот во Скопје носеа транспаренти со кои ја обвинуваа корупцијата како главен виновник за трагедијата, испраќајќи порака дека бараат одговорност и правда.

Зачлени се на нашиот е-билтен