Анкета: Младите во Северна Македонија поделени околу европската иднина на земјата

Новата публикација „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“ открива дека мнозинството млади во земјата имаат позитивен став кон Европската Унија, но речиси половина не веруваат дека државата некогаш ќе стане нејзина членка. Истражувањето укажува на растечки евроскептицизам и јаз меѓу надежта и реалноста, што бара посилен и покоординиран ангажман на институциите.

Растечки евроскептицизам и потреба од дијалог

Според истражувањето, младите ја гледаат ЕУ како позитивен пример, но ја чувствуваат оддалеченоста на процесот на интеграција. Авторите истакнуваат дека младите мора да се третираат како активни партнери, а не само како публика, преку подобра комуникација, економски можности и транспарентен пристап до европските програми.

– „Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата ја формира основата на младинскиот евроскептицизам“, се наведува во публикацијата, додавајќи дека ЕУ нема да биде целосна без младите од Западниот Балкан.

Резултати од анкетата

Онлајн анкетата спроведена во јуни 2025 година во соработка со платформата „Студентарија“ опфатила 1.000 млади луѓе, од кои 81,5% студенти. Анализата е изработена со учество на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и Фондацијата „Фридрих Науман“.

Резултатите покажуваат дека:

  • 41% од младите имаат позитивен став кон ЕУ,
  • 24% негативен,
  • а 35% се неутрални.

Во однос на членството, 46,5% не веруваат дека земјата некогаш ќе стане дел од ЕУ, додека 35,8% сметаат дека тоа е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7% очекуваат членство во следните пет години.

Пречки и предизвици

Главната пречка за интеграцијата, според 84,6% од испитаниците, е корупцијата. Следуваат билатералните спорови (61%) и ниската доверба во институциите (60%). Младите го препознаваат токму домашниот политички контекст како најголем проблем, барајќи конкретни мерки против корупцијата и поголема отчетност.

Информираност и интереси

Повеќето млади се чувствуваат адекватно информирани за политиките на ЕУ – 53% така изјавиле, додека 22% се „многу информирани“.
Најголем интерес предизвикуваат:

  • можностите за работа и живот во ЕУ (76,2%),
  • образовните програми како Еразмус+ (55,1%),
  • човековите права (50%),
  • како и заштитата на животната средина (48%) и дигитализацијата (44,5%).

Активност и ангажман

Интересно е што над 70% од младите се изјасниле како општествено неактивни, а само 8% учествуваат во политички или граѓански иницијативи. Ова, според публикацијата, покажува „широко распространето чувство на немоќ“ и потреба од проактивни мерки за вклучување на младите во демократскиот живот.

Регионална перспектива

На прашањето која земја од Западниот Балкан има најголема шанса да стане членка на ЕУ во следните пет години, 53% од испитаниците ја посочиле Албанија, потоа Црна Гора (34,5%) и Србија (14,7%). Само 8,2% веруваат дека Северна Македонија ќе се приклучи во истиот период.

Повик за акција

Според Бојан Кордалов, директор за политика и комуникација во Европскиот центар за извонредност, резултатите се аларм за институциите:
– „Ако младите не добијат реални можности и поддршка, тие ќе престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ,“ вели тој, нагласувајќи дека е потребна нова, искрена и поблиска комуникација меѓу ЕУ, земјите кандидати и младите.

Публикацијата заклучува дека успехот на европската интеграција зависи од вклучувањето на младите во креирањето политики, зајакнување на младинските центри и формализирање на канали за партиципација.

Документот беше промовиран во Брисел, а до крајот на месецот ќе биде презентиран и во Скопје, пред пратеници, претставници на младинскиот сектор и владините институции.

Зачлени се на нашиот е-билтен