Сиљановска-Давкова од Подгорица: ЕУ мора да направи стратешки исчекор кон Западниот Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од говорницата на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Подгорица порача дека Европската унија е должна да направи јасен, стратешки чекор кон земјите од Западниот Балкан. По, како што оцени, предолгиот и маратонски процес на евроинтеграции, време е за заокружување на заедничката географија, историја и културна припадност преку отворање на европските врати за регионот.

Таа истакна дека процесот на пристапување мора да остане целосно заснован на Копенхагенските критериуми и дека Унијата мора доследно да ги брани своите принципи и вредности. Според Сиљановска-Давкова, постоењето на двојни стандарди го прави процесот некредибилен и не смее да биде прифатено како пракса.

Во својата обраќање нагласи дека членството во ЕУ претставува најсилниот механизам за отпорност на регионот кон влијанијата на трети центри на моќ. Таа потсети дека Северна Македонија надминува регионални просеци во усогласеноста со европското законодавство во сите шест кластери и дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, поради што заслужува јасен сигнал и отворање на пристапниот процес.

На панелот „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“, модериран од претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, покрај Сиљановска-Давкова учествуваше и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Панелистите се согласија дека државите од регионот мора координирано и стратешки да се справат со хроничниот проблем на одливот на мозоци, кој го ослабува нивниот економски и општествен потенцијал.

Зачлени се на нашиот е-билтен