Во последните неколку години Македонија стана тивка, но сè поатрактивна точка на светската мапа на дигитални номади—a генерација професионалци што ја заменуваат фиксираната канцеларија со лаптоп и стабилен интернет, бирајќи го Скопје, Охрид или Битола заради поволните трошоци на живеење, блискоста до природата и богатата културна сцена. Овие мобилни креативци и ИТ-експерти внесуваат свеж капитал, know-how и космополитска енергија во локалните заедници, додека паралелно се соочуваат со предизвиците на неприлагодена регулатива, ограничени платежни услуги и административни лавиринти. Сепак, нивната присутност веќе креира нов екосистем на co-working простори, стартап иницијативи и фриленс-заедници, поставувајќи го прашањето: дали Македонија ќе го искористи овој бран за да се позиционира како регионален хаб за работа на далечина?
Кога Мима Пејоска првпат се запишала на етнологија, немала визија дека ќе стане дизајнер на накит што патува со лаптоп низ светот. „Никогаш не сум си поставила крајна цел“, вели таа со смеење, додавајќи дека нејзиниот пат е „чекор по чекор, каде и да ме однесе“. Токму тој импулс – да ги следи инстинктите, а не строго поставен план – ја претвори во една од ретките македонски креативки кои успеале да ја преточат личната страст во локациски независна кариера.
Од студии до стипендија
Љубовта кон традицијата и културата прво ја насочила кон етнологијата, но пресвртот дошол кога наишла на курс за филигран. „Реков, ај да го пробам ова“, се сеќава Пејоска. Курсот ја одвел до специјализација во Италија, потоа Берлин, а потоа и до престижната стипендија „Фулбрајт“ во САД за постдипломски студии по дизајн на накит. „Секој понатамошен чекор беше нешто што не сум го планирала“, признава таа, уверувајќи дека токму спонтаноста ѝ ја отвора вратата по која следи.
Живот без работно време
Иако кариерата ѝ се развивала надвор од Македонија, Мима никогаш не посакала „девет до пет“ работа. „Не можев да се замислам фиксно на едно место“, објаснува. Слободата на распоредот за неа е подеднакво важна како и креативниот израз, но признава дека самостојноста доаѓа со цена: „Не можеш и финансии и фотографирање и извоз и промоција, сето тоа се случуваше кога работев како индивидуален дизајнер уметник, со свое студио – сфатив дека треба да побарам нешто друго.“
Консултант за дијаманти од пепел
Тоа „друго“ прераснало во онлајн консултантска работа за американски компании. Во фирмата „Eterneva“ ја добила, како што ја нарекува, „прекрасната можност“ – од нула да изгради оддел за накит за лабораториски создадени дијаманти од кремациска пепел. „Клиентите на крај одлучуваат дали дијамантот ќе го вметнат во парче накит; јас го водев целиот процес, од цртеж до испорака“, раскажува таа. Работела целосно од далечина и без фиксни часови, што ѝ дозволило да „кодира“ дизајн од аеродроми и плажи низ Мексико или Израел.
Како се цени сопствениот труд?
Почетоците на платформата Upwork ѝ биле вистинска животна школа. „На Upwork има илјадници CAD-моделари од Индија и Филипини што работат за три долари на час“, вели Пејоска. Почнала со 15 долари час, брзо сфатила дека „те цедат“, па цената ја кренала на 30 долари. „Низ процесот полека и себе се осознаваш, на самата цена не ја ставаш цената само на својот труд, туку и своето искуство, багажот кој го носиш. своето образование, своите погледи, сето тоа те прави добар професионалец. Искуствата и креативноста се развиваат и нормално е да се ценат и да те одвојат од некој кој само мануелно работи. Одеднаш не си еден во милион, туку еден во петстотини“, објаснува, советувајќи ги младите да не се плашат да ја зголемат својата вредност: „Кога ќе видиш кои твои квалитети ги ценат, стануваш еден во педесет.“
Системски лавиринти дома
Иако ја слави слободата што ја нуди дигиталната работа, Мима отворено зборува за административните препреки во Македонија. Објаснува дека дури и трансферот на плата од САД знаел да се врати назад, а доброволното здравствено осигурување бара месечни редици на шалтер. „Бев трудна и не можев да си го платам здравството затоа што некој бил на одмор“, додава.
Платформите како Upwork заобиколно го решаваат проблемот со платежниот трансфер, „но тоа е само пола работа“, вели таа. „На младите им треба систем што ги признава нивните приходи од странство и им дозволува достоинствено да внесуваат пари во земјата.“
Македонија како база
И покрај хаосот со шалтери и формулари, Мима решила да се врати во Скопје, каде формира семејство. „Пријателите ми фалеа, семејството исто“, објаснува. А кога заработуваш странска плата и живееш во Скопје, „животот е неспоредливо поубав“, тврди дизајнерката. „Имаш слобода и барем петпати поголеми примања од просекот.“
Порака до новите номади
За оние што размислуваат да тргнат по нејзините стапки, советот е едноставен: „Само пробај. Не знаеш што те чека.“ Пејоска признава дека самодовербата се гради по пат, но клучно е да се преземе првиот чекор – без страв дека системот или конкуренцијата ќе те сопрат. „Живееш во глобален свет – нема зошто да кукаш за локалниот систем ако можеш да работиш за надвор и да живееш комотно тука.“
Со поглед вперeн напред и лаптоп под рака, Мима Пејоска продолжува да ја „креира“ следната своја дестинација – чекор по чекор, онака како што најдобро знае.