Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

АППТ: Македонскиот туристички потенцијал промовиран на Меѓународниот саем за туризам во Истанбул

Македонија повеќе од една декада е дел од Меѓународниот саем за туризам „EMITT“ во Истанбул, Турција. Саемот годинава се организира по 28. пат, од 5 до 7 овој месец. Богатата туристичка понуда на Македонија, адаптирана за турскиот пазар е промовирана од коегзибиторите на македонскиот штанд Бадемтур, ДМЦ Балканс, Вардар експрес, Делфино травел, Ајдинис травел, Балкан травел и хотел „Макпетрол“, соопшти денеска Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Репрезентативниот штанд на Македонија, како што се наведува, на првиот саемски ден беше посетен од бројни високи претставници на Република Турција, како и значајни учесници од туристичкиот сектор.

Директорката на АППТ Билјана Стефаноска разменила мислења и поразговарала за туристичката размена како и продлабочување на соработката помеѓу двете земји со претседателот на ТУРСАБ – Асоцијација на туристички агенции на Турција, Фируз Багликаја.

„Турските гости се традиционални во Македонија, културните, историските и семејните врски се мост кој ги поврзува двата народи. Минатата година има раст на бројот на турски посетители од 46 отсто, споредбено со 2023 година со вкупно 276 597 туристи од Турција кои оствариле 385 208 ноќевања, со забележано зголемување од 43 отсто“, стои во соопштението.

Како една од петте најдобри туристички изложби ширум светот, „ЕМИТТ“ годишно привлекува околу 30.000 професионалци и туристи кои бараат нови можности за патување и истражување. На саемот учествуваат над 100 земји, 650 излагачи и над 220 поканети туроперaтори како и активни туристички работници, медиуми, блогери, влогери кои ќе промовираат туристички дестинации. За време на саемот се организираат бројни панел дискусии со различни лидери во областа на туризмот од Турција и светот.

„Овој настан овозможува вмрежување со сите учесници преку систем за онлајн закажување состаноци – hosted buyers, алатка која нуди можности за бизнис и соработка помеѓу светскиот туристички сектор“,” се вели во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Зачлени се на нашиот е-билтен