Од СДСМ, реагираат за целосниот дебакл на мерките на Владата и економските политики на Мицкоски и ДПМНЕ. Според нив последните објавени податоци покажуваат дека минималната синдикална кошничка за месец февруари е зголемена за 521 денари и достигна 63.773 денари.
„На едно четиричлено семејство му се потребни намјалки 64.000 денари месечно само за основните потреби, додека просечната плата во државата е значително пониска и стагнира. Овие податоци јасно покажуваат дека владините мерки и економски политики се тотално промашени. Граѓаните имаат се помалку пари во своите џебови и едвај врзуваат крај со крај.
Животниот стандард се влошува. Наместо да обезбеди реални решенија и да го заштити животниот стандард на граѓаните, владата го остава народот сам да се бори со огромната скапотија“, велат од СДСМ.
СДСМ бара итно преземање на следниве чекори:
-Укинување на ДДВ за храна.
-Намалување на ДДВ за струја на 5%.
-Примена на Законот за нефер трговски практики за намалување на цените до 30%.
-Зголемување на минималната плата на 500 евра.
Според опозициската партија, потребно е усогласување на платите со растечките трошоци за живот, за да се обезбеди достоинствен живот за сите граѓани.
Од таму велат дека ‘СДСМ останува посветен на борбата за подобар животен стандард и ќе продолжи да предлага конкретни решенија за надминување на економската криза’.