Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали Мицкоски со темата, „циркус – вребање“ ги покрива унгарскиот кредит, кошничката, законите по скратена постапка, инфлацијата од 4,3%…

Премиерот Христијан Мицкоски и денеска изјави дека бил следен од тајните служби и тоа во пресрет на парламентарните и локалните избори и дека ја знае причината за наводното ‘вребање’, затоа што предизвикал сомнеж за организирање на парполициски структури и терористички групи.

Денешната „вест во низа“, доаѓа откако вчера на седницата за пратенички прашања повикувајќи се на декласифициран извештај на Агенцијата за национална безбедност, Мицкоски рече дека тогашните безбедносни служби измислиле извор, „Цилиндар“, кој до нив доставил информација оти бил организатор, нарачател и финансиер на параполициско- воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи.

„Таква информација доставил некаде од почетокот на 2020 година, што е чудно оти коинцидира со изборите коишто тогаш се случуваат, во којашто вели, внимавајте, параполициско-воено вооружена формација составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски“, кажа премиерот и додаде дека тоа било покритие за тој и неговото семејство да бидат следени.

Според него, следењето продолжило и оваа година.

„Некаде во втората половина од оваа година, истиот овој извор ‘Цилиндар’ вели дека јас сум виден како пешачам со две женски личности на Водно. Во името на приватноста не сакам да ги кажам. Како што не е вистинита првата информација, така не е ниту оваа втората вистинита. И замислете, тие ми презентирале информации од мој политички интерес. А додека пешачам, изворот ‘Цилиндар’ мене ме покривал“, рече Мицкоски.

Од обвинителството велат дека уште вчера го слушнале гласот на премиерот Мицкоски.

„Јавното обвинителство веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ, за што Јавниот обвинител на РСМ на денешната средба веќе го информираше и премиерот. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите“ – се вели во соопштението на Обвинителството.

Додека премиерот говори за наводите за следењето, јавноста е крајно вознемирена од повисоките цени на производите во очи на новогодишните празници. Од СДСМ велат дека во услови на растечка инфлација и трошоци за живот, фокусот треба да биде на зголемување на платите и растот на стандардот на граѓаните. Од таму велат дека минималната плата во изминатите 6 месеци, остана „бетонирана“, додека владата предводена од СДСМ ја покачи од 8 на 22.567 денари.

Заводот за статистика во декември евидентираше раст на инфлацијата од 4,3%, синдикалната кошничка овој месец е повисока за 840 денари, со што изнесува близу 63.000 денари, за што се потребни три минимални плати за нејзино покривање.

Зачлени се на нашиот е-билтен