Декларација на ПС НАТО: Длабока загриженост поради постапките на РС за уривање на уставниот поредок на БиХ

На пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, посветена на 30-годишнината од склучувањето на Општиот рамковен договор за мир во БиХ во Дејтон, беше усвоена Декларација, во која беше изразена длабока и сериозна загриженост за постапките на Република Српска (РС), кои, како што е наведено, го поткопуваат уставниот поредок на БиХ и Дејтонскиот мировен договор.

Член 22 од Декларацијата, кој ја нагласува важноста на зголемувањето на одбранбените капацитети, ја истакнува важноста на стабилноста и мирот во Западен Балкан и изразува сериозна загриженост во врска со најновите законски решенија и иницијативи во ентитетот РС, кои, како што е оценето, го поткопуваат и го загрозуваат уставниот поредок, суверенитетот, како и територијалниот и функционалниот интегритет на БиХ, како и Дејтонскиот мировен договор.

Србија поднесе амандман на тој член, барајќи да се отстрани споменувањето на Република Српска, но амандманот беше отфрлен, објави сараевскиот весник „Ослобоѓење“.

Потпретседателката на Парламентарното собрание на НАТО, Агнес Вадаи, ја изрази својата поддршка за Босна и Херцеговина како целина откако амандманот беше отфрлен.

Американскиот конгресмен и претседател на американската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Мајк Тарнер, и претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, издадоа заедничко соопштение, во кое, меѓу другото, ја оценија ситуацијата во Босна и Херцеговина и „предупредија на дестабилизирачки фактори“.

„Сложените предизвици остануваат. БиХ е на критична пресвртница. Длабоко сме загрижени од сецесионистичката реторика и дејствијата што произлегуваат од ентитетот РС, а кои го загрозуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на државата“, се наведува во соопштението. 

Зачлени се на нашиот е-билтен