Египетското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека поддршката на израелската влада за планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од Појасот Газа „ги ослабува и ги уништува преговорите за договор за прекин на огнот и го охрабрува продолжувањето на борбите“.
Изјавата од Египет, земјата која е посредник во преговорите за прекин на огнот, се однесува на „денешните изјави на членовите на израелската влада“, но не ги споменува нивните имиња.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска побара од војската да развие план за Палестинците да ја напуштат Газа, а премиерот Бенјамин Нетанјаху еден ден претходно го нарече предлогот на Трамп „извонреден“.
Меѓутоа, за Египет, планот „претставува флагрантно кршење на меѓународното право и ги поткопува најосновните права на палестинскиот народ“.
Трамп предизвика меѓународен метеж откако во вторникот, во присуство на Нетанјаху во Вашингтон, рече дека планира долгорочно американско преземање на Појасот Газа.
ОН и правните експерти рекоа дека планот на Трамп го прекршува меѓународното право.