Европската унија планира да го блокира увозот на одредена храна за да ги заштити своите фармери, по примерот на реципрочната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на извори. Европската комисија следната недела ќе ги испитува построгите ограничувања на увозот, пишува весникот, повикувајќи се на изјави на тројца неименувани официјални лица.
Меѓу првите намирници чиј увоз би бил ограничен или блокиран би можеле да бидат американските култури, како што е сојата, која се одгледува со пестициди кои на земјоделците од ЕУ не им е дозволено да ги користат, се вели во извештајот што го објави Ројтерс.
Официјален претставник на Белата куќа, на прашањето за извештајот на Фајненшл тајмс, рече дека претседателот Трамп „се бори за фер и реципрочна трговија“ и дека „ќе застане во одбрана на американските земјоделци“.
„Ќе продолжиме да ги разгледуваме отворените пазари ширум светот за висококвалитетни американски производи“, рече претставник на Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп, минатата недела, потпиша меморандум со кој наредува воведување „фер и реципрочни“ трговски тарифи за сите главни американски трговски партнери, вклучувајќи ги и долгогодишните сојузници, и им наложи на своите советници да го пресметаат нивото на царини за секоја земја. Ова ги вклучува не само тарифите што другите земји ги наплаќаат на САД, туку и даноците што ги наплаќаат за странски производи, субвенциите што ги даваат на нивните индустрии, нивните девизни курсеви и други однесувања што Трамп ги смета за нефер.