Фамелос и Филипче ги потврдиле добрите односи и соработката меѓу СИРИЗА и СДСМ

Многу добрите односи, соработката и меѓусебното разбирање меѓу двете партии по многу прашања, биле потврдени на средбата во Атина на претседателите на СИРИЗА и СДСМ Сократис Фамелос и Венко Филипче, соопштија од грчката опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Филипче вчера се сретна со Фамелос во Атина, средба на која присуствувала и секретарката на Централниот комитет на партијата, Рања Свигу, а од СИРИЗА попладнево информираа дека „двете страни се согласија дека приоритет за двете партии се мирот, стабилноста, соработката и безбедноста на Балканот“.

Дополнително, било истакнато дека за сето ова „од големото значење е доследното почитување на Договорот од Преспа и европската перспектива на Северна Македонија“.

„За време на средбата, детално се разговараше за пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ и проблемите што се појавија, како и за транспортната инфраструктура на Балканот, патната и железничка и нивното значење за двете земји. Раководствата на двете партии се согласија дополнително да ги продлабочат нивните односи со оглед на тоа што делат заеднички вредности, цели и идеи. Поради оваа причина, тие разговараа за конкретни иницијативи што треба да се преземат заеднички, како и за билатерални средби во текот на годината“, соопштија од СИРИЗА.

Лидерот на СДСМ вчера учествуваше на втората Меѓународна конференција во организација на Институтот „Алексис Ципрас“, а за време на престојот во Атина се сретна со Фамелос во канцелариите на СИРИЗА.

Зачлени се на нашиот е-билтен