„Во Кочани се случи страшна трагедија која целата нација ја стави во состојба на шок, од тоа треба да излечеме поука како понатаму треба да делуваме за да спречиме такви трагедии. Не се потребни само зборови, туку дела и чекори, бидејќи тоа можеме да го направиме за 60-те семејства, 59 кои останаа без деца, другите сто кои имаат стотина деца на лекување и, секако, целото општество кое гледаме сега како бара некакви промени, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во хуманитарната емисија на К5 ТВ.
Спорерд Филипче, младите кои излегуваат на улица и бараат промена, не ги интересира ниту минатото, ниту сегашноста, туку ги интересира иднината и затоа ‘ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме’.
„Следната недела во Собранието ќе упатам повик за лидерска средба на која ќе го презентирам мојот план за државата. Да се направи тоа што суштински треба -вистински реформи во правосудството, суштински промени во здравствениот систем, да се почне изградбата на клиничкиот центар, да се направат суштинските промени во образовниот систем, да се дуплираат примањата на наставниците, да се осигураме дека нашите деца ќе имаат добра едукација, да се направи дефинитивна промена во системот на јавна администрација и конечно, да разговараме за европските поглавја поради тоа што тоа е единствениот начин да се бориме против корупцијата зашто главната причина за корупцијата е сиромаштијата. Нема да може да ја совладаме сиромаштијата без да го започнеме тој процес и да се надеваме, ако час поскоро го започнеме, да ги видиме првите резултати за пет до десет години. Мора да бидеме реални и да знаеме што и кога можеме да очекуваме“, рече Филипче.
Филипче посочи дека сега на луѓето во Кочани, особено на семејствата кои изгубиле деца, пријатели, родини им е потребна и психолошка поддршка, затоа добро е што Клиниката за психијатрија отвори одделение во градот.
Според Филипче најголемата помош треба да дојде од Владата, бидејќи на луѓето им се потребни финансиски средства, за што Владата директно треба да комуницира со семејствата. Во донирањето треба да учествуваат и големите компании бидејќи имаат општествена одговорност.