Со пораки „Сакаме чист воздух“, „Не – за нови станови, да – за чисти бели дробови“, „Од смогот не се гледа иднината“, „Пред употреба на воздухот консултирајте се со вашиот лекар или фармацевт“, „Буџетот е магично стапче за загадувањето“ и „Нема AIR од ова“ граѓаните денес го одржаа вториот протестен марш против аерозагадувањето.
Протестот беше организиран од иницијативата „Зелен хуман град“, а граѓаните аршираа од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Собранието и Владата, до бараките на Град Скопје, носејќи транспаренти со пораки како „Сакаме чист воздух“ и „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“.
Протестот се одржа откако институциите не ги исполнија барањата на еколошките организации, кои испратија четири конкретни барања за борба против аерозагадувањето во Скопје.
„Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот“ изјави Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Од „Зелен хуман град“ изјавија дека поминаа две недели од доставените барања, но се уште нема одговори од институците и порачаа дека без чист воздух нема здравје, а без здравје нема живот.
За загадувањето на воздухот имаше и меѓусебни обвинувања помеѓу партиите, за тоа кој е одговорен за загадениот воздух. Опозициската СДСМ забележа дека шест месеци откако власта е во рацето на ВМРО-ДПМНЕ, тие не презеле одговорност и сериозни чекори, а граѓаните биле оставени сами на себе.
„Скопје, главниот град на нашата држава, повторно е на листата на најзагадени градови во светот. Според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и Велес дишат загаден воздух повеќе од 3 месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2.800 наши сограѓани. Овие податоци се алармантни и бараат нужна институционална акција која досега изостанува. Каде се ветувањата на Мицкоски и ВМОР-ДПМНЕ? Кога беа во опозиција, најавуваа една милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50 отсто. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема сериозни мерки, туку дополнително ги намалува средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51 отсто, а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно. Тоа е неодговорно и мора да се промени“ изјави денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
Таа порача дека Владата мора веднаш да ги ревидира своите политики и да преземе сериозни чекори за справување со загадувањето, бидјеќи секој ден одложвање значи уште повеќе загрозени животи.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека Владата со конкретни чекори ќе се борела против загадувањето на воздухот.
„Некои од мерките се, субвенции за инвертер клими, финансиска поддршка за еколошки технологии, пошумување и забрзана гасификација, како и иновативни решенија за одржлива иднина. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и работи во нивен интерес“ стои во реакцијата на владејачката партија.
Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.