Како може правен субјект што не постои да врши надзор и контрола, забележува опозицијата на законските измени за инспекцискиот надзор

 Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор беше на дневен ред на седницата на Комисијата за Политички систем и односи меѓу заедниците

Како се вршат контроли во маркетите, кога од 27 декември 2024 година Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) го изгуби својството на правно лице и практично не постои? Како може правен субјект што не постои да врши надзор и контрола? Кога нема правно дејство, секој може да го оспори. Го намалувате работното искуство на директорот на инспекциските служби, го сведувате на најниско ниво на службеник, да зависи од желбата и волјата на министерот.

Ги намалувате критериумите, годините на работно искуство, а Инспекцискиот совет го правите беспредметно тело. Ова беа само дел од забелешките на опозициските членови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор што беше на дневен ред на седницата. Тие побараа негово повлекување и корекција или изготвување сосема ново решение.

Како што беше речено во текот на расправата, со предложените измени се суспендира инспекцискиот надзор во државата и се создава правна апсурдност и несигурност.

Заклучокот на Комисијата, сепак, беше дека го проследува Предлог-законот на натамошна постапка во собранието.

Јованка Тренчевска од СДСМ констатира дека овие законски измени се обид на незаконското да му се даде законска рамка.

– Се што се прави во инспекторатите од 25 декември е незаконски. Не ги прифативте амандманите на Мурати, а тие делумно ќе ја вратеа правната сигурност во делот на инспекциските системи. Со овие измени кои се задоцнети и беспредметни, на инспекциските служби им го укинавте својството на правно лице без да предвидите што понатаму со нив. Тие всушност веќе не постојат и сега велите дека опремата, вработените, архивите, обврските,… ќе се преземат во министерствата. Како може да биде преземен некој што не постои повеќе од 30 дена или како ќе се преземат права и обрвски од правен субјект што го изгубил својството на правно лице? Како дел од 15-те инспекторати во земјава во претходниот период се веќе преземени без правен основ утврден со закон? Тоа е противзаконски и некој треба да сноси одговорност, истакна Тренчевска. 

Се надоврза Соња Мираковска од НСДП која посебен акцент стави на Инспекцискиот совет.

-Ова е катастрофа, апелирам да го повлечете и корегирате законот, да не се брукаме како Парламент. Обидете се да разберете дека вака не може и не е добро. Во однос на Инспекцискиот совет кој беше постојано меѓуресорско тело на инспекциските служби, а потоа прерасна во самостоен орган на државната управа, го направивте беспредметен. Дали воопшто ќе одиме по европскиот пат каде Советот има многу значајна улога за да ја обезбеди независноста на инспекциските служби?

По предложениот текст беа поднесени вкупно седум амандмани, сите од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, но ниту еден не беше прифатен. Како што објасни Мурати, амандманите се во насока на зачувување на професионалната независност на инспекциските служби и на нивната автономија, јакнење на капацитетите на службите, како и ефикасен систем на надзор, а базираат на темелна анализа на европските практики, особено во Словенија и Хрвaтска.

Зачлени се на нашиот е-билтен