Кардиналите денеска почнуваат да се вселуваат во своите простории во Ватикан, во пресрет на почетокот на конклавата и изборот на нов папа, по смртта на папата Франциск на 21 април.
Повеќе од две недели по смртта на Франциск, 133 кардинали утре ќе се соберат во Сикстинската капела на конклава, која може да трае со часови, денови, па дури и месеци.
Кардиналите традиционално престојуваат во ватиканскиот пансион „Санта Марта“, кој нуди индивидуални купатила и собна услуга во хотелски стил, но не располага со доволно соби за сите.
Со учесници од 70 земји на пет континенти, оваа конклава е најбројната досега. Дел од кардиналите ќе бидат сместени во „Санта Марта Векија“, блиска зграда која обично се користи за сместување на ватикански службеници.
Кардиналите ќе можат да влезат во доделените соби – кои ќе им бидат распределени по жрепка – денеска и утре наутро, пред свечената миса што го означува почетокот на конклавата.
Сите кардинали се заколнаа на тајност, со казна екскомуникација доколку откријат што се случува за време на конклавата. Забрането им е да комуницираат со надворешниот свет додека не биде избран новиот папа.
Ватикан вчера соопшти дека ќе биде прекинат телефонскиот сигнал во зградите каде што ќе се одвива конклавата, но не и на плоштадот Свети Петар.
Кардиналите ќе мора да ги остават своите мобилни телефони при почетокот на конклавата. За јавноста ќе се известува преку чадот од горење на гласачките ливчиња – црн доколку нема одлука, бел ако е избран нов папа.
Лекари, возачи, готвачи и чистачи кои ќе бидат ангажирани за време на конклавата, исто така, положија заклетва за обврска на тајност.