Европската интеграција на Западен Балкан и важноста на проширувањето на Унијата било во фокусот на средбата на бугарскиот премиер Росен Жељазков со еврокомесарката за проширување Марта Кос, која во Софија оствари средби со највисоките бугарски политички претставници, а учествуваше и на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“.
Жељазков, по средбата со Кос, рече дека Бугарија секогаш со особено внимание и висок степен на одговорност пристапувала кон напорите за целосна и полноправна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Нагласил дека бугарската позиција е јасна и конзистентна и оти Софија го поддржува европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, според принципите на индивидуалниот пристап и постигнатиот напредок.
„Ние ќе продолжиме да го поддржуваме тој процес, бидејќи го сметаме за дел од нашата стратешка визија за стабилен, просперитетен и обединет европски континент, изјави Жељазков по средбата со еврокомесарката, додавајќи дека „историјата, културата и георгафската близина со земјите од регионот ни даваат уверување и можност да бидеме не само посредници меѓу Западен Балкан и Европската Унија, туку и движечка сила на овој процес, како и негов застапник“.
Според него, без интеграција на овој регион, европскиот проект едноставно не може да се заврши.
-Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за просперитет и мир, но и своевидна превенција од влијанието на силите кои имаат за цел неединство и нестабилност – како во регионот, така и во Европа во целина. Дополнително, интеграцијата на земјите од регионот на Западен Балкан е стратешки избор поврзан со безбедноста, стабилноста и конкурентноста на целиот континент, рече Жељазков.
Премиерот изрази уверување дека посветеноста на реформите мора да биде обострано – и од страна на кандидатите, но и од страна на Европската Унија, додавајќи оти се потребни се предвидливост, искреност, јасност и дијалог.
Според него, денес, кога Европа се соочува со нови предизвици, воени конфликти, хибридни закани, миграциски притисок и енергетска несигурност, интеграцијата на Западен Балкан е од особено значење за Бугарија и бугарската влада.
Еврокомесарката Марта Кос се заблагодари на Бугарија за поддршката за проширувањето, нагласувајќи дека проширувањето е еден од најважните приоритети на актуелната Европска комисија.
Приклучувањето на вашите соседи во Европската Унија ќе донесе многу придобивки за бизнисите во Бугарија. Тоа ќе ја поттикне трговијата, ќе ги подобри можностите за инвестирање и ќе го подобри пристапот до Централна Европа, рекла Кос, додавајќи дека европската интеграција ќе доведе до стабилност и безбедност во регионот.
Претходно, Кос се сретнала и со шефот на бугарската држава Румен Радев, кој рекол дека за да биде одржлив и неповратен, процесот на проширување на ЕУ мора да биде изграден врз вистинската имплементација на Копенхашките критериуми за членство.
На форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ учествуваше и македонскиот заменик-минисгтер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој истакнал дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, истакнал Димитровски.
На форумот говореше и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која рекла дека „Бугарија не наметнува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа“. Истакнала дека билатералните односи меѓу двете земји не се проблем за неотпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, посочувајќи оти тоа е „теза на политичарите од Република Северна Македонија, како и на некои европски политичари и експерти“.
Еврокомесарката Кос, оваа недела во интервју за Европскаа новинска редакција (ЕНР) од кој дел е и МИА, рече дека ЕК работи на тоа да и помогне на Северна Македонија да ги започне преговорите по кластери и дека таа лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија, па во тие рамки ќе отпатува за Софија „на средби со бугарските политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава“.