Лицата со попреченост бараат целосна дигитализација и поедноставување на прибирањето документи за добивање паричен надомест

Во рамки на проектот „Да се соочиме со предизвиците и стигматизација”, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, во соработка со своите партнерски организации од градовите во близина – „Порака – Неготино“ и „Еко живот“ од Кавадарци, денеска организираше дискусија од областа на социјалната и здравствената заштита за лицата со попреченост.

На тркалезната маса, учествуваа претставници на здруженијата на граѓаните со попреченост, нивни родители и старатели, како и претставници на централната и локалните власти.

Претставникот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Велес нагласи дека финансиската помош и додатоците се достапни за секоја личност со попреченост која има потреба од тоа, во зависност од степенот на попреченост. Но, во делот на асистентите има одредена ограниченост во ресурсите.

Според наводите, за еден личен асистент, може да се користат услугите во траење од четири часа… Тоа значи дека еден асистент во еден ден, во своето работно време од осум часа, може да услужи двајца корисници, т.е. лица со попреченост, за да ја исполни нормата од 80 работни часа месечно.

Претседателката на Здружението од Велес, Далиборка Златева истакна дека бројот на асистенти и негуватели е мал. Таа посочи и дека годинашното преполовување на буџетот за лични асистенти е неодржлива состојба и Министерството за социјална политика ќе мора да ја промени таа состојба. Беше нагласено дека државата мора да обезбеди повеќе финансиски средства за оваа област.

Родител на лице со попреченост, кој поголемиот дел од денот го минува со тоа лице и нема време за своја работа – со ниту еден ден работен стаж, праша: Дали ѝ следува некаков надоместок во облик на пензија?

Надлежниот претставник одговори дека право на траен надоместок има родител кој се грижел за своето дете со попреченост, којшто во овој миг, усогласено со пораст на трошоци е 10.890 денари, по навршување на 60-годишна возраст за жени, и на 62 години – за мажи.

Повеќе граѓани ја истакнаа потребата од поедноставување на прибирањето документи за добивањето паричен надоместок. Се нагласи и потребата од целосна дигитализација на сите овие процедури.  

Зачлени се на нашиот е-билтен