Лукаревска: СДСМ предлага 934 милиони денари поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките на комисиската расправа за ребаланост на буџетот за 2025 година година истакна дека по три дена расправа се зборуваше за се, а најмалку за сите битни бројки и параметри кои ја носат државата далеку од фамозното четврто место според растот на БДП.

„Несомнено е евидентно дека овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента и базиран на на нереални макроекономски проекции, очајни капитални расходи и евидентно прекршени фискални правила, нагласи Лукаревска додавајќи дека дефицитот останува на првична проекција од четири проценти од БДП, а инфлацијата ќе порасне од 2,2 на 2,8%“, рече Лукаревска.

Лукаревска истакна дека стапките на економски раст се превисоко поставени за да дадат погрешна слика за големината на номиналниот БДП и проекциите на буџетскиот дефицити на јавниот долг се темелат на ваквиот бомбастичен БДП излегуваат помали и тоа според владата стапката на економски раст е 3,7% светска банка прогнозира 2,6%, а народна банка 3%.

Во 2021 година растот беше 4,5%, без фалби а сега се прави спектакл за три проценти, рече Лукаревска.

Таа посочи дека вкупното задолжување со предложените измени за 2025 година достигнува вкупно 101 милијарда денари и изнесува скоро 21% од структурата на приходната страна на буџетот, што е епохално.

„Во пресрет на локалните избори, со зголемувањето на расходите за пензии и плати, владата прави кратења кои директно ја погодуваат економијата и најранливите категории граѓани“, истакна Лукаревска,

Таа нагласи дека субвенциите и трансферите се кратат за околу 30 милиони евра, намалени се средствата за развојни проекти за општините, поддршка за мали и средни претпријатија, инвестициите во ТИРЗ-овите, инвестиции во патна инфраструктура, инфраструктурни проекти во општините и реновирање на затворите.

„Социјалните надоместоци се кратат за околу 5 милиони евра, што е најголема критика за Владата. Намалувањето на парите за „социјалните случаи“ е антисоцијална политика. Недозволиво е да се крати од најсиромашните слоеви на населението, нагласи Лукаревска, додавајќи дека грижата за почист воздух за оваа влада е само фарса, бидејќи средствата за заштита на животната средина се намалуваат за 13,4%“, посочи Лукаревска.

Лукаревска истакна дека најголемите промени во потпрограмите во оваа владина програма се евидентирани во Привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободна економска зона и Финансиска поддршка на инвестициите, кои процентуално, се намалени за 72,6% и 37,9%

„Од 2017 до 2023 година во време на Владата на СДСМ државата има 2,9 милијарди евра прилив на странски директни инвестиции, или во просек 414 милиони евра годишно. Според податоците на Народната банка, во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261 милион евра – од 397 на 135 милиони евра, т.е за две третини“, рече Лукаревска.

Лукаревска најави дека пратеничката група на СДСМ и колаицијата има поднесено 160 амандмани на ребалансот на буџетот, кои имаат за цел да помогнат онаму каде што е најпотребно и најнеопходно, игнорирајќи ја партиската боја.

„Ставајќи ја на пиедестал човечката димензија, затоа што во овој парламент пред се сме луѓе и наша морална обврска е да го направиме сите тоа заедно, односно од понеделник од кога ќе почне амандманската расправа да изгласаме 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони денари за нова опрема во болницата во Кочани и пак ќе кажам и овие средства се премалку и нема да ги врати изгубените млади животи во оваа несреќа но сепак иако не го прифативте нашето предлог-законско решение за финансиска поддршка на жртвите и нивните семејства и на повредените во несреќата во Кочани барем сега имаме обврска да покажеме една заедничка солидарнос“т, нагласи пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска.

Зачлени се на нашиот е-билтен