Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонските работници со најниски плати во регионот

Просечната нето плата во ноемви изнесувала 41 999 денари, што е помалку и од 700 евра, објави Државниот Завод за статистика.

Македонија дури и со зголемувањето од 9,5 проценти во однос на октомври, останува закотвена речиси на дното во Европа и регионот според висината на просечната плата.

Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 842 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 732 евра, во Црна Гора 993, во Хрватска 1.366 и во Словенија 1.514 евра месечно.

Актуелната минимална сума сега е 22.567 денари или 370 евра. А, во март идната година, како што ценат од Министерството за финансии, би требало да е околу 24.400 денари.

Како пример сега се посочува Босна и Херцеговина, каде што минималната плата од почетокот на оваа година ќе биде безмалку двојно повисока – од 310 на 600. Решение, чија примена ќе оди паралелно со фискалните реформи, при што работодавачите делумно ќе бидат ослободени од плаќање на придонесите.

Во 2025 година и Србија ќе стартува со поголем минималец за 13,7 проценти, кој е утврден на износот од 53.592 динари, односно 458 евра.

Засега, минималната плата во Црна Гора е 450 евра, а за нешто повеќе од еден месец следи сериозна промена, со воведување на две нивоа одредени според образованието, од 600 и од 800 евра. Првата сума е гарантирана за лицата со масимум средно, а втората за вработените со вишо и високо образование.

Исто така, од први јануари и во Хрватска следуваат измени на тоа поле. Минималната нето-плата се зголемува за 15 насто и носи разлика од 80 евра, од сегашните 670 на 750 евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен